Црната дупка конвенционално се смета за астрономски објект кој неповратно ја голта целата материја и радијација што доаѓа во нејзината сфера на влијание. Тоа ja вклучува и квантната светлина за којашто се смета дека има најголема брзина во природата, поради што објектот при гледање изгледа црно. Физички, црната дупка е дефинирана како објект со ограничен простор внатре, во кој густината на масата и енергијата стануваат бесконечни, а познатите закони на физиката веќе не можат да се применат. Меѓутоа, во еден текст во јануарскиот број на списанието Nature Astronomy пишува дека проучувачите ги фрустрира неможноста за прецизно дефинирање на тој поим. Авторот на текстот, д-р Ерик Куријел од Миnхенскиот центар за математичка филозофија на Универзитетот Лудвиг Максимилијан, ги сумира проблемите на следниов начин: “Својствата на црната дупка се истражуваat во многу поддисциплини на физиката: во оптичката физика, квантната физика и, секако, во астрофизиката, но секоја од овие области му пристапува на проблемот од свое теоретско гледиште“.
Ерик Куријел студирал филозофија и теориска физика на Универзитетот Харвард и на Универзитетот во Чикаго, а примарна цел на неговиот сегашен истражувачки проект е да се развие прецизен филозофски опис на одредени предизвикувачки апсекти на модерната физика. Тој објаснува дека феномените како што се црните дупки припаѓаат на област што е недостапна за директна и непосредна опсервација и експеримент. Поради тоа, работата основана на претпоставки во врска со црните дупки, вклучува и ниво на шпекулација која е необична за полето на теориската физика. Меѓутоа, недостатокот на прецизна дефиниција им дава на филозофите поле за широко истражување. “Физичката перспектива од којашто се изучуват црните дупки е самата по себе нераздвојно поврзана со филозофски прашања кои се однесуваат на онтолошко, метафизичко и методолошко размислување.” – истакнал Куријел.
Додека ја подготвувал филозофската анализа на концептот на црни дупки, авторот разговарал со физичарите кои се вклучени во разни области на истражување. Во текот на тие разговори добил сосема различни дефиниции за црните дупки. Важно е да се нагласи дека секоја од нив е формулирана на специфичен начин, во границите на дадената дисциплина. Самиот Куријел ги опишал овие дискусии како “изненадување“ и како значајни за понатамошните истражувања.
За астрофизичарот Авиј Лоеб “црната дупка е целосен затвор: кога ќе влезете во неа, не можете никогаш да излезете.“ Од друга страна, теорискиот физичар Доменико Џулини смета дека е “концептуално проблематично да се размислува за црните дупки како за објекти во универзумот, нешта што можат да се движат и да се поттурнуваат наоколу“. Куриеловата порака е дека самата разноликост на дефиницијата на црните дупки дава позитивен знак, бидејќи овозможува физичарите да пристапуваат кон феноменот од различни физички перспективи. Меѓутоа, за тие гледишта продуктивно да се искористат, важно е да се развива поголема свест од тие разлики.