Рубрика: Аеронаутика
Нови авиони за нови времиња
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 10.06.2019 - 09:30

Веќе од поодамна на климатолозите им е познато дека издувните гасови од авионите имаат добар удел во севкупната емисија на стакленички гасови во атмосферата. Неодамна објавената сторија на Architectural Digest, којашто ги цитираше наодите од истражувањата спроведени од страна на групацијата Родиум, само го потврди овој факт. Споменатото истражување покажало дека во 2018 година во САД е забележан вкупен пораст од 3,4 % на емисиите од јаглерод диоксид, а како главен извор на овие емисии не се посочуваат издувните гасови од автомобилите, туку од камионите и авионите.

Како што посочуваат од Architectural Digest само минатата година авиотранспортот пренел околу 4,3 милијарди патници, што е за околу 38 милиони повеќе од претходната година. Имајќи го предвид трендот на пораст сосема природно се поставува потребата поефикасен авиодизајн којшто ќе помогне во поефикасно искористување на горивото.

Холанѓаните веќе излегоа со акциски план којшто треба да помогне во забрзување на иновациите што ќе овозможат  одржливо воздухопловство, а крајната цел е намалување на емисиите на CO2 на холандската авијација за 35% до крајот на 2030 година. Во оваа насока холандскиот национален авиопревозник КЛМ ќе помогне во финансирањето на новиот концепт авион со стрелести крила во форма на латинската буква V, којшто во моментов се развива од страна на Техничкиот универзитет во Делфт.

Дизајнот за првпат беше предложен од страна на студент на Техничкиот универзитет во Берлин, поточно од студентот Јустус Бенад којшто ја презентираше идејата во проектниот труд којшто произлезе при неговата практична работа во Ербас во Хамбург.

Концепт дизајнот предлага авион што ќе може да понесе 314 патници и товар. Дизајнот предлага стрелеста поставеност на телото од авионот. Кај традиционалниот авиодизајн трупот создава значителен отпор при движењето низ воздухот, па спојувањето на крилјата и трупот во една целина во V-формација треба да придонесе за зголемување на силите на подемот и истовремено намалувањена отпорот.

Дизајнот ја следи поставеноста на крилјата што претходно е искористена кај моделот Ербас А350 со распон на крилјата од 213 метри. Сличноста ќе овозможи новиот концепт, засега со ознака Flying V, да ја користи постојната аеродромска инфраструктура, како што се портите, патеките за таксирање и пистите, а ќе може да го користи и истиот хангар како А350. Flying V дури ќе може да пренесува и ист број патници како А350 – 314 патници и иста количина на товар – 160 м3. Но, новиот концепт-авион ќе биде помал во габарит од А350, ќе подобри авиоперформанси и ќе создава помалку отпор при летањето. Ова значи дека за реализирање на истиот лет Flying V ќе потроши помалку гориво од А350. Пред Flying V да влезе во редовна употреба претстојат години исполнети со подобрувања и нови тестови.

Сепак, од Универзитетот во Делфт најавуваат дека во октомври ќе биде претставен првиот прототип спремен за полетување, којшто ќе помогне во тестирање на стабилноста на концептот на Flying V, како при големте брзини на крстарење така и при помалите брзини за време на полетување и слетување.

 

 

Клучни зборови: