Астрономите за првпат успеаја да направат фотографии на дискот составен од жежок гас и прав околу една новоформирана планета.
Постоењето на феноменот познат како циркумпланетарен диск одамна е предмет на претпоставки, но сè до сега никогаш не бил јасно забележан и докажан.
Астрономскиот тим под водство на Валентин Кристијанс од австралискиот универзитет Монаш ги направил фотографиите со помош на VLT телескопот на Европската јужна опсерваторија, сместена во пустината Атакама во Чиле.
Набљудувањата објавени оваа недела во Astrophysical Journal Letters, даваат увид во формирањето на планетите-џинови и нивните месечини, но исто така претставуваат и директен доказ дека теоретските модели за формирањето на планетите се најверојатно точни.
Циркумпланетарните дискови претставуваат смалена верзија на многу поголемите акрециски дискови коишто ги опкружуваат новоформираните ѕвезди. За нив се смета дека претставуваат примарен извор на материјалот во завршните фази од формирањето на една планета, но и за секоја од месечините во нејзината орбита.
Кристијанс и неговите колеги “налетаа” на овој доказ при набљудувањето на новонастаната планета џин со ознака PDS 70b, која се наоѓа во орбита околу ѕвездата PDS 70, во соѕвездието на Кентаур, на оддалеченост од околу 370 милиони светлосни години од Земјата. Инаку, планетарниот систем во формирање за првпат беше снимен минатата година.
Како што велат астрономите, ова откритие ќе помогне во разбирањето на процесите при настанокот на нашиот Сончев систем пред 4,6 милијарди години како и неговиот развој до денес.