Изминатиот викенд се одржа КУП натпревар во една од најатрактивните категории во воздухопловното моделарство Ф5Ј, радиоуправувани едрилици со електромотор). Во сите натпревари за секој учесник пласманот е особено важен, бидејки на крајот на годината се сумираат сите резултати од републички и меѓународен ранг и се прогласуваат најдобрите моделари, по категорија. Тогаш се избира и најдобриот моделар на годината, а секако, на селекторот останува задачата да избере членови за репрезентација за наредните првенства од меѓународен ранг.
Во ораганизација на Воздухопловната федерација на Македонија, АК ”Мирко Тодоровски” – Битола и АК “Витачево” – Кавадарци, на ден 19.5.2019 година, на спортскиот аеродром с. Логоварди крај Битола се одржа одложениот натпревар во РУ модели Ф5Ј (радиоуправувани едрилици со погон на електромотор).
Како што е пропишано во согласност со постоечкиот правилник на ФАИ организира старт, раководителот на натпреварот, Пеце Илиевски, одреди мерачи на време. На стартот се појавија 7 натпреварувачи од 3 клуба – Кавадарци, Прилеп и Битола, но натпреварот го продолжија 6 натпреварувачи, од кои еден од АК Битола и 5 од АК Кавадарци. Поради технички проблеми, натпреварувачот од АК Прилеп го откажа учеството.
Натпреварот се одржуваше во траење на лет и во прецизно слетување, а секој натпреварувач беше должен да има висиномер и автоматски прекинувач на работата на електромоторот. Се започна во извонредни временски услови, но од старт во старт ветерот ја зголемуваше својата брзина. По договор со водачите на екипи и со натпреварувачите, се одлучи да се прекине натпреварот а за победник да се прогласи оној кој има најдобри резултати до прекинот на натпреварот, односно до четвртиот старт.
Согласно ФАИ регулативата, главниот судија и администраторот ги презедоа картичките со постигнатите резултати и ги внесоа во компјутер во програма, по што се прогласи победник на натпреварот.
Првоплсиран беше Драган Цветановски од АК ”Мирко Тодоровски” – Битола пред Сашо Милошевиќ од АК “Витачево“ – Кавадарци, а на третото место се пласираше Горан Стевковски, исто така од АК “Витачево“ – Кавадарци.
По натпреварот уследи доделување на признанија и награди на најдобро пласираните и заеднички ручек. Слободното време се искористи за разгледување на моделите, размена на искуства, а особено внимание се посвети на електромоторниот модел изработен од Драган Цветановски со помош на 3Д печатач, за којштп ќешпрпоговориме повеќе во некоја друга прилика.
На крај, како судија на натпреварот (мерач на време) и дописник на списанието Емитер, би направил едно кусо резиме. Евидентен е напредокот во техниката на летање на учесниците кои, за волја на вистинатам располагаа со најсовремени РУ едрилици изработени од карбон и кевлар, со врвна технологија од областа на електрониката. Согласно постоечките прописи, сите располагаа со мерачи на висина, автоматски прекинувачи за работата на моторот (flight рикордери).
Прекинот на натпреварот беше неминовен, бидејќи брзината на ветерот на моменти, а потоа и континуирано, ја надминуваше дозволената брзина предвидена со правилникот на ФАИ. На задоволство на сите, натпреварот заврши во вистинска фер и спортска борба, а победи најсреќниот.