Овластените инженери и архитекти од Македонија и од Бугарија ќе соработуваат и ќе разменуваат знаења и искуства од областа на енергетската ефикасност. Ова, меѓу другото, го предвидува потпишаниот Меморандум за соработка меѓу овие две институции, во рамки на работилницата “Одржлив енергетски развој – структура, улоги и активности“, организирана од Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Агенцијата за енергетика и бугарската Aгенција за одржлив енергетски развој.
Исто така, Меморандум за соработка потпишаа Комората на овластени архитекти и овластени инженери и Агенцијата за енергетика.
За професор д-р Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, потпишувањето на Меморандумот значи формализирање и на досегашната добра соработка со двете институции.
“И досега имаме одлична соработка со Агенцијата за енергетика и со колегите од Бугарија, но со формализирањето на оваа соработка, се надеваме на нејзино интензивирање. Особено затоа што се носи Законот за енергетска ефиканост и влегуваме во фаза на операционализација. Ќе недостасуваат кадри инженери и Комората ќе преземе дел од обврските за реализација на активностите на патот кон Европската Унија. Притоа, ќе имаме одлична соработка и размена на информации и знаења со колегите од Бугарија, кои имаат искуство“, рече Димитровски.
Ивајло Алексиев, извршен директор на Бугарската Агенција за одржлив енергетски развој, потврди дека институциите и досега соработувале, но дека ќе се интензивира соработката со размена на добри практики и искуства во областа на енергетската ефикасност и помош при разработка на документи.
Македонија, во изминатиот период, како обврска во процесот на пристапување кон ЕУ ги подготви сите значајни стратешки документи и акциони планови за реализација на политиките и мерките за унапредување на енергетската ефиканост, рече Нехри Емрула, директор на Агенцијата за енергетика на Република Македонија.
“Сакам да потенцирам дека Законот за енергетска ефиканост е пред донесување, што значи дека за многу брзо време ќе почнат и обврските и мерките за негово спроведување, со цел постигнување на националните цели за заштеда на енергија“, додаде Емрула.
Одржаната работилница е дел од трилатералната соработка меѓу Агенцијата за енергетика, бугарската Агенција за одржлив енергетски развој и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. На работилницата учествуваа членови на Комората кои поседуваат овластување за енергетска ефикасност.