Microsoft ја претстави новата целосно дигитална верзија на Xbox One, којашто работи без дискови и е поевтина од другите слични модели. Xbox One S, во целосно дигитално издание, е замислен како функционална и визуелно иста играчка конзола како и Xbox S, со исклучок на отсуството на читач на дискови.
Новиот производ е наменет за дигиталната генерација гејмери кои свикнале на вчитувањето на софтверот од интернет извори. Дигиталниот Xbox S дебитираше на пазарот оваа недела и чини околу 230 евра, што е значително поевтино од другите модели на Xbox One. Покрај ова, заедно со него доаѓаат веќе инсталирани Minecraft, Forza Horizon 3 и Sea of Thieves, како и библиотека со над 100 бесплатни игри месечно.
Новата верзија на Xbox без читач на дискови нема намена да ја замени веќе постоечката, но со неа Мајкрософт сака да излезе во пресрет на потребите и барањата на потрошувачите, особено помладите, коишто се повеќе ориентирани кон онлајн услугите и игрите што може да се преземат.
Xbox One S Digital е втора играчка конзола што целосно се потпира на преземање на игрите од интернет, наместо нивно вчитување од картички или од дискови. Прва ваква играчка конзола беше моделот на Sony PSP GO, којшто на пазарот се најде во 2009 година.
Мајкрософт работи на новата генерација на Xbox, којашто најверојатно ќе биде претставена во јуни на E3 expo, традиционалната изложба на видеоигри и сè што е врзано за игрите и гејмерството. Терминот на Е3 за оваа година е од 11 до 14 јуни, се разбира, во Лос Анџелес.