Да, да, звучи парадоксално, нели? Нели површината на Месечината беше правлива, нели во најголем дел беше карпеста... Па, не баш. :) Нашиот природен сателит си има свои тајни, а една од нив е водата. Како што веќе пишувавме, присуството на вода на Месечината беше потврдено во 2011 година, а во 2014 научниците веќе се произнесоа дека оваа вода веројатно потекнува од Земјата (види тука). Сега, кога веќе го расчистивме фактот со присуството на вода на Месечината, да видиме што се случува со неа.
При ударот на метеоритите во Месечината несомнено се крева и одредена количина прав. Едно ново истражување укажува дека при овој процес се ослободува и поголемоа количина вода – приближно околу 200 тони секоја година.
Губитокот на вода беше забележан откако планетарните научници ги разгледаа податоците добиени од сензорот на сондата ЛАДЕЕ што се наоѓа во орбита околу Месечината. Во периодот од ноември 2013 до април 2014 година, сателитот ЛАДЕЕ (Lunar Atmosphere and Dust Environment Explorer) забележал повремени скокови во бројот на честички што се оддалечиле од Месечината, вклучувајќи ги и молекулите на вода. Од вкупно 39 скокови, 29 се случиле во рок од 48 часа по поминувањето на Месечината и Земјата на патеката на сезонските метеорски дождови што се доволно широки за да ги погодат двете тела. Генерално, колку погуст метеорски дожд, толку повеќе честички исфрлени во вселената од Месечината, известуваат научниците во Nature Geoscience.
Количината вода детектирана од сензорите била превисока за да потекнува од самите метеорити или, пак, да се припише на испарувањето на почвата, посочуваат истражувачите. Тие предлагаат дека сосема веројатно е најголемиот дел од оваа вода да потекнува од распрснатите песочни зрна на месечевата почва во близина на местата каде удриле метеоритите. Во текот на една година, метеоритите веројатно ослободуваат околу 300 тони вода од почвата на Месечината. Околу една третина од оваа вода се враќа назад и завршува на друго место на површината на Месечината, но остатокот од околу 200 тони трајно се губи во вселената.
Наодите на тимот укажуваат дека под сувиот површински слој на месечевата почва, на длабочина од 8 сантиметри до 3 метри се крие слој што содржи, отприлика, помеѓу 200 и 500 промили на вода и дека извлекувањето на оваа вода од почвата би можело да се направи полесно одошто се претпоставуваше.