Обединетите Арапски Емирати го забраниле Скајп, се наведува во соопштението од компанијата во сопственост на Мајкрософт.
“Нашата интернет-страница и нашите услуги се блокирани во Обединетите Арапски Емирати, а тоа значи дека нема да сте во можност да го користите Скајп во оваа земја”, се наведува во текстот објавен на страницата на Скајп. Компанијата во соопштението додала дека работи на повторно оспособување на апликацијата Скајп.
Колумнистот Султан Ал Касеми од Советот на блискоисточни студии ја оцени забраната на Скајп во ОАЕ како фрустрирачка. “Како ќе спроведуваме интервјуа и држиме состаноци? Тоа е во спротивност со целите на глобалната визија“ – пишува тој.
Реагирајќи на советите до граѓаните на ОАЕ да се служат со други комуникациски платформи, коишто употребуваат ВПН, Касеми повикал граѓаните да го почитуваат законот, од страв од реакциите на власта.
“Не охрабрувам ништо што го заобиколува законот. Сакам властите да го овозможат тоа законски“– напишал Касеми кој живее во САД.