На вчерашната седница на Владата беше усвоен Националниот оперативен бродбенд план (НОБП). Како што веќе пишувавме во декември, работната верзија на НОБП беше објавена од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, кон крајот на минатата година, кога беше дадена и на увид на јавноста (види тука).
Како земја кандидат за членство во ЕУ, Македонија има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ. Ова значи дека националната бродбенд стратегија треба да биде усогласена со стратешките цели на иницијативата Digital Agenda for Europe1 на ЕУ и стратегијата Gigabit Society2 for 2025 на ЕУ, а притоа треба да се имаат на ум и препораките и регулативата на ЕУ за развојот на следните генерации бродбенд (широкопојасни) мрежи, препораките за користење државна помош за развој на бродбендот, стратегијата на ЕУ од 2018 година, за проширување со земјите од западен Балкан, извештаите на ЕУ за развој на бродбенд пазарите, извештаите од меѓународни институции за развојот на електронските комуникации во регионот, извештаите и искуството од земјите членки на ЕУ во користењето државна помош за развој на бродбендот, итн.
За подготовка на овој документ, Министерството за информатичко општество и администрација во почетокот на јануари минатата година формираше четири работни групи:
– работна група за обезбедување подобра координација на процесот на мапирање на територијата на РМ со постоечките и идните планирани широкопојасни мрежи од операторите;
– работна група за утврдување на слободните капацитети и нивното идно користење кај веќе постоечките електронски комуникациски мрежи и средства изградени со јавни средства;
– работна група за утврдување мерки и активности коишто се потребни за воведување 5G мобилна технологија; и
– работна група за утврдување предлог-мерки за поттикнување и зголемување на интересот на граѓаните за користење широкопојасен интернет.
Во работните групи учествуваа преставници од државните органи и тела, регулаторни тела, универзитети, општини, оператори, стопански комори, јавни претпријатија, приватни компании и други. Притоа, за подготовка на Националниот оперативен бродбенд план беше добиена и TAIEX техничка помош.
Беше формирана веб-страница каде што беа поставени предлозите и забелешките од сите заинтересирани страни, како и записниците од состаноците.
Националниот оперативен бродбенд план, како наследник на Националната стратегија за развој на следната генерација широкопојасен интернет, ги утврдува националните бродбенд цели што треба да се достигнат во идниот период и ги утврдува мерките и активноститете коишто треба да се преземат за нивно достигнување. Целите во Националниот план се потцртани во следниве точки:
– До крајот на 2021 година, најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал.
– До крајот на 2025 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.
– До крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.
– До крајот на 2029 година, секој да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
– До крајот на 2029 година, најмалку 50% од вкупниот број претплатнички договори на домаќинствата во цела држава да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
– До крајот на 2029 година, сите домаќинства по прифатлива цена да имаат можност за пристап до мрежа којашто овозможува брзина за преземање содржини од најмалку 100 Mbps, со можност за надградба на гигабитна брзина;
– До крајот на 2029 година, сите јавни институции (училишта, универзитети, истражувачки центри и други образовни установи, здравствени установи, министерства, судови, локални самоуправи и други државни органи и тела), да имаат симетричен пристап до интернет, со брзина од најмалку 1Gbps;
Целиот стратегиски план може да се најде тука
За споредба со работната верзија на планот, кликнете тука.