Иако до претставувањето на следната генерација на iPhone останува уште околу половина година, аналитичарите не мируваат, токму како ни самиот Apple, кој има полни раце работа околу подготовката за есенското лансирање. Иако iPhone 11, или како веќе Apple ќе го нарече новиот модел, во основа треба да ја задржи сегашната форма, измени се можни на задната страна, со оглед на тоа што опременоста со три камери веќе се наметна како императив.
За да ја задоволи потребата од вградување трета камера, Apple ќе мора да го редизајнира модулот, а досега се покажа дека во игра се повеќе различни концепти. Ако им се верува на најновите протекувaња на информации, извесно е дека Apple го избрал најгрдото решение, со поставеност на модулот во горниот лев агол од задната страна на телефонот. Ако Apple бил инспириран од моделот на Huawei Mate 20 Pro, зарем морал да ја избере токму најгрдата изведба? Сликата од внатрешноста што во последно време се шири по медиумите, совршено се совпаѓа со рендерот што беше направен пред неколку месеци врз основа на познатите информации а за којшто многумина се согласија дека се работи за мошне грдо решение. Во овој момент сè уште е рано за прогнози, но се надеваме дека се работи за уште еден концепт во низата на оние што не осамнуваат како конечен производ.