На Факултетот за електротехника и информациски технологии во тек е десеттото издание на Robomac – меѓународниот натпревар по роботика и вештачка интелигенција. Како и секоја година RoboMac 2019 е организиран од Студентскиот огранок на Македонската секција на ИЕЕЕ и студенти волонтери од ФЕИТ.
Целта на натпреварот е популаризација на роботиката и вештачката интелигенција помеѓу студентите и младите во Македонија и соседните региони, преку започнување и поддршка во функционирањето на повеќе други проекти поврзани со роботиката. Настанот овозможува учесниците да се запознаат со предностите на роботиката како научна дисциплина и нејзините најнови технички достигнувања. Учесниците на натпреварот имаат можност да работат во парови, да ги употребат своите знаења и вештини, истите да ги надградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, сè со цел да го освојат првото место во својата категорија. Покрај ова учесниците имаат можност да присуствуваат на серија предавања од нивните области од интерес.
Натпреварите се поделени во неколку категории: роботска рака каде натпреварувачите изработуваат програма за управување на роботска рака за извршување на зададена задача; сумо – традиционална роботска борба каде опонентите се обидуваат да го истуркаат противничкиот робот од рингот; Line Follower – изработка на целосно харверско решение со Ардуино платформата за робот што може да детектира и следи испишана линија; Лавиринт – алгоритамско управување на мал робот низ ходниците на сложен мини-лавиринт; AI Football или роботски фудбал; и Sphero каде роботската топка треба да “изоди” одреден пат исполнет со низа препреки што треба да ги надмине со туркање или заобиколување.
Оваа година за прв пат се воведува и категоријата RoboMac Junior, во која што учествуваат средношколци од цела Македонија. Целта е да се зголеми интересот за роботика и вештачка интелигенција кај средношколците. Средношколците имаат можност да ги продлабочат нивните знаења и да стекнат нови сознанија преку предавањата на професори и експерти во оваа област, но и да работат со едукативни роботи и да се натпреваруваат во програмирање и управување на истите.
Финалните натпревари во сите категории се закажани за утре 23.3.2019 г. и, според агендата на Робомак 2019, треба да започнат во 18 часот. Финалето на Робомак е настан од отворен тип. Сите заинтересирани можат да присустуваат на овој натпревар што ќе се одржи во просториите на Домот на АРМ во Скопје.
Неформалното затворање на оваа манифестација е закажано за недела.