Како што јавуваат од Ars Technica до крајот на оваа година кај новите уреди сосема е можно да се појават портови со стандард USB 3.2. Што значи ова?
Новиот стандард се очекува да донесе зголемена брзина за пренос на информации, којашто ќе се движи до 20 GB/s. За да се подготви теренот во ИТ индустријата, групата USB-IF којашто ги развива различните USB спецификации, веќе го најави означувањето и именувањето на новите стандарди. Слободно може да кажеме дека и овојпат, во најмала рака, не се работи за најсреќно решение
Ако ја погледнеме досегашната стандардизација може да кажеме дека до стандардот 3.0 секој можеше да разбере за што се работи. USB 3.0 (корисничка ознака SuperSpeed USB) означуваше приклучок што овозможува брзина на пренос на податоци до 5Gb/s, додека постарите USB 2.0 (High Speed) и USB 1.1 (Full Speed) конектори имаа далеку помала брзина за пренос на податоци, од 480 Mb/s и 12Mb/s.
Доаѓањето на сцена на USB 3.1 ја замати оваа јасна ситуација околу брендирањето на стандардите. Сo 10Gb/s новите приклучоци донесоа удвојување на брзината на проток на информациите па логиката налагаше овој стандард, како природно продолжување на именувањето, да ја понесе ознаката 3.1. Но, групата USB-IF не го стори тоа. Тие се вратија наназад и ги преименуваа веќе постоечките стандарди. Па така, приклучокот USB 3.0 со проток од 5Gb/s, се претвори во USB 3.1 Gen 1, додека новиот стандард ја доби ознаката USB 3.1 Gen 2, за корисниците познат како SuperSpeed USB 10Gbps.
Ова донесе низа “збунки” за крајните корисници, бидеќи сега дел од производителите тврдеа дека уредот има 3.1 конектибилност, додека всушност се работи за порт што нуди брзина на протокот на информации до 5Gb/s a којшто во меѓувреме ја доби новата ознака USB 3.1 Gen 1. Но, останатиот дел од производителите продолжија и со користење на старите назнаки USB 3.0 и USB 3.1.
Во оваа "каша-попара" од означувања сега доаѓа стандардот 3.2, којшто носи ново ретроактивно преименување. Уредите со 5Gb/s сега се претвораат во USB 3.2 Gen 1, оние со 10Gb/s во USB 3.2 Gen 2, додека уредите коишто го поддржуваат новиот стандард стануваат USB 3.2 Gen 2×2 конектибилни. Нешто почиста е ситуацијата со корисничките ознаки, па така новиот стандард ја носи назнаката SuperSpeed USB 20Gbps.
Сума сумарум, внимавајте при купувањето на нови уреди! Како што и претходно се случи при преименувањето на стандардите, дел од производителите ќе се обидат да ве наведат на мислење дека нивните уреди инкорпорираат нови стандарди за поврзување. Зад ознаката 3.2 може да се кријат приклучоци што овозможуваат проток на брзини и од 5 Gb/s и 10 Gb/s, но може да имаат и проток од 20Gb/s.