Еден YouTube вирален феномен оваа недела се најде под лупата на научниот тим од Универзитетот во Илиноис, САД. Во мноштвото видеа што го преплавија интернетот, може да се забележат зрна од грозје, пресечени на половина, каде двете половинки се оставени врзани само преку тенка лента од лушпата, а потоа ставени во микробранова печка. По неколку секунди од зрната започнуваат да избиваат искри. Научниот тим даде и свое образложение за овој феномен, што беше објавено во журналот Proceedings of the National Academy of Sciences, коешто ви го пренесуваме во скратена форма.
Најчестото објаснување на јутјуберите за оваа појава е дека поради тоа што зрната грозје содржат големо количество на вода, тие ја заробуваат електромагнетната енергија што микробрановата печка ја емитува во микробрановите должини. Ова е возможно бидејќи амплитудата на брановите е со приближно иста големина како и дијаметарот на грозјето. Оваа заробена енергија започнува да ги електризира електролитите присутни во внатрешноста од овошјето, за потоа овој електричен полнеж да се јави како струен проток од едната половина на зрното грозје кон другата и обратно, при што тенката лента од лушпата ја игра улогата на спроводник. За време на овој процес количеството на електричен полнеж во внатрешноста на овошјето е во постојан пораст. Како последица на ова струјата многу брзо го гори парченцето лушпа, по што електричниот полнеж заробен во електролитите започнува да прескокнува низ воздухот од едната половина на зрната грозје кон другата. При овој процес околниот воздух се преполнува со електричен набој и добива својства на плазма, започнувајќи да светли. Да потсетиме, плазмата е истата онаа состојба на материјата којашто ни ги дава сончевите зраци и “неонското” светло.
За да ја тестираат оваа хипотеза, истражувачите поставиле зрна од грозје во микробранова печка и го набљудувале целиот процес со термална камера. Уште веднаш забележале дека и со две цели зрна од грозје може да се произведе плазма, доколку тие се постават на растојание од најмногу 3 милиметри. Со оглед на тоа што забележале дека грозјето може да произведе плазма и без лушпата што ги поврзува, истражувачите заклучиле дека процесите на создавање доволно количество енергија за да се произведе плазма мора да се одвиваат на сосема друг начин.
Термалните камери откриле жариште на натрупување на електромагнетна енергија помеѓу зрната грозје, а не како што тврдат интернет објаснувањата на јутјуберите во внатрешноста на грозјето. Ова ги доведе физичарите до ново објаснување на феноменот. Кога двете зрна грозје се доволно блиску едно до друго во микробрановата печка, брановите што тие ги апсорбираат се движат напред-назад во малиот простор помеѓу нив, создавајќи електромагнетно поле чијашто моќност постојано расте. Процесот продолжува сè додека електромагнетното поле не стане толку моќно што ќе ги преполни блиските електролити во грозјето коишто потоа испукуваат кратка експлозија на огнена плазма.
Истражувањето во моментов се чини дека нема некоја особена корист, освен научно разбирање на уште еден начин за уништување на вашата микробранова печка. Но, како што велат истражувачите, еден ден, со вистински материјали, нивните наоди можат да бидат надградени со можност за заробување и концентрирање на енергијата од видливиот дел светлинскиот спектар за употреба во микроскопијата на нано-ниво.