Познатите производители на мемории, G.SKILL и ZADAK, ги претставија првите мемориски модули со двоен капацитет, односно 32 GB по модул!
За да се постигне ова, бројот на мемориски банки по модул е удвоен, и тоа на многу едноставен начин – два 16 GB модула се споени во еден, на една печатена плочка, па всушност, два модула работат како еден од 32 GB. Значи, на еден модул се вградени по 32 8 bit-ни Samsung чипови. Со ова и висината на самите модули е значително поголема.
Двете компании претставија комплети од по два 32 GB модула.
Ова е добра вест за сите оние кои своите PC системи ги градат на ITX матични плочи, кои се лимитирани на два слота, односно на (досега) максимални 32 GB. Сега и ITX базираните системи ќе можат да располагаат со 64 GB RAM, стандард за ATX.
Досега, само три модели на матични плочи се валидизирани за овие мемориски модули, сите три базирани на Z390 чипсетот:
ASUS ROG Maximus XI Apex, ASUS ROG Maximus XI Gene и ASUS ROG Strix Z390-I Gaming.
Кај G.Skill сите модули се DDR4-3200, додека ZADAK нуди 4 варијанти – DDR4-2600/3000/3200/3600. Работниот напон е 1,35 V, вградени се пасивни ладилници. G.Skill сè уште се нема изјаснето за цената, додека почетната цена на ZADAK моделите ќе биде 800 USD.