Австриската асоцијација на инженери и архитекти го додели признанието Голем златен медал на честа (Great Gold Medal of Honour) на проф. д-р Милорад Јовановски од Градежниот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, за неговиот исклучителен научен и практичен долгогодишен придонес во развојот на инженерската геологија и геотехниката. Доделувањето се одржа на 31 јануари 2019 година, на свеченото отворање на VÖBU FAIR – најголемиот геотехнички саем во Виена, Австрија, односно на 12-тата Австриска геотехничка конференција, посветена на “таткото” на современата механика на почви, Карл Терцаги.
Признанието претставува највисока награда на Австриската асоцијација, а е многу многу значајно од причина што досега е доделено само 3 пати во нејзиното постоење. Првпат во 1995, потоа во 2011 и оваа година го добива македонскиот професор Јовановски. Тоа е резултат на долгогодишната соработка меѓу Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” и Технолошкиот универзитет од Виена. Оваа соработка досега резултира со голем број активности помеѓу Република Македонија и Република Австрија на ниво науката, високото образование и инженерството.
Тука може да се истакнат неколку моменти како: доделување на почесен докторат на науки (doctor honoris causa) и Орден на заслуги за Република Македонија на д-р Ото фон Хазбург, потоа доделување почесен докторат на науки и Медал на честа за Македонија на проф. д-р Хајнц Брандл, потпишување Меморандум за соработка помеѓу Австриската асоцијација на инженери и архитекти и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија. Врв на сите активности беше одржувањето на многу ценетата 16-та Европска Подунавска конференција за геотехничко инженерство, во јуни 2018 година, во Скопје.
Во сите овие активности, низа години, активен промотор е проф. д-р Милорад Јовановски, за што и го добива ова ретко и престижно признание.