Астрономите открија нова, џуџеста галаксија во нашето соседство. Галаксијата, оддалечена “едваj” 30 милиони светлосни години од нас, беше откриена со помош на вселенскиот телескоп Хабл.
На сликата во прилог е прикажано глобуларното јато NGC 6752, коешто било предмет на набљудувањата. Зад светлите ѕвезди од ова јато може да се забележи густо спакувана популација на побледи ѕвезди (заокружениот дел), коишто припаѓаат на претходно непознатата џуџеста сфероидна галаксија, сега именувана Бедин 1.
Иако џуџестите сфероидни галаксии не претставуваат реткост, Бедин 1 има неколку уникатни карактеристики. Галаксијата е една од малкуте за коишто е одредена точната оддалеченост од нас. Истовремено, галаксијата е екстремно изолирана. Имено, како што споменавме, галаксијата е оддалечена 30 милиони светлосни години од нашиот дом – Млечниот Пат, а е оддалечена две милиони светлосни години од најблиската голема галаксија NGC 6744.
Фотографијата во прилог е направена со помош на Напредната камера за набљудувања на телескопот Хабл, а откритието беше објавено неодамна во Monthly Notices of the Royal Astronomical Society: Letters.
Откритието е направено сосема случајно, како и при малиот број претходни ситуации, кога со подетална анализа на фотографиите направени од Хабл, биле откриени нови небесни објекти.