Мали се надежите дека Опортјунити ќе може повторно да се разбуди и да ја продолжи својата мисија. Малечкиот ровер на НАСА, којшто пред точно 15 години слета на Марс, во последните 6 месеци е заглавен во состојба на мирување. На тимот на JPL, којшто управува со оваа мисија, веќе му снемуваат трикови со коишто би можеле да го рестартираат роверот. Во следните неколку недели, официјалните лица во седиштето на НАСА ќе решаваат дали да се продолжи со обидите или да се прогласи крај на оваа успешна мисија.
Опортјунити заглави кога песочната бура од планетарни размери го зафати Марс во јуни минатата година. Бурата ги блокираше сончевите зраци, со што се оневозможи надополнување на батериите преку сончевите панели, па роверот ги исцрпи резервите достапни во батериите. Оттогаш до сега, од JPL биле упатени околу 600 различни команди во обид роверот да профункционира. Постоеше надеж дека сезонските ветрови, коишто дуваа во ноември 2018, но и во овој месец, ќе ја расчистат прашината од сончевите панели, со што ќе се овозможи повторно производство на енергија за роверот. Но, ова не се случи.
Зимата на Марс во 2011 го стави надвор од функција механичкиот брат на Опортјунити, роверот Спирит. Со доаѓањето на зимата, количината на достапна сончева светлина полека се намалува на јужната хемисфера, а притоа се намалуваат и температурите. Напорите за оживување на роверот веќе траат подеднакво долго колку и минатите обиди преземени за оживување на Спирит.
Независно од тоа дали ќе заврши сега, мисијата на Опортјунити беше повеќе од успешна. Беше предвидена да застане на само 90 дена по слетувањето на Марс, период за којшто беше гарантирано функционирањето. Но, малечкиот ровер не се предаде и храбро продолжи да испраќа податоци речиси 5000 дена подоцна. Опортјунити на површината на Марс измина пат долг цели 45 километри, честопати движејќи се и наназад. На овојпат тој истражи огромни ударни кратери, наталожени седименти на дното од овие кратери и донесе вести за составот на почвата на Црвената планета. И по 15 години, неговите камери со резолуција од 1 мегапиксел, сè уште се во одлична состојба. Истражувањата на роверот открија и дека периодите во коишто на Марс имало услови да се одржи живот, траеле многу подолго отколку што претходно се сметаше, а во 2013 роверот ја направи првата површинска опсервација на 4 милијарди години стара глина.
Малкумина очекуваа дека роверите Спирит и Опортјунити ќе работат цели 15 години, по нивното пристигнување на Марс. Сепак, се чини дека на крајот, Марс секогаш победува.