Дека магнетскиот Северен пол на Земјата постојано ја менува својата локација се знаеше уште од пред повеќе од 100 години, откога започна систематски да се следи неговата локација. Шематски приказ на неговото перманентно поместување е прикажан на сликата во прилог, каде што гледаме дека тој постојано се оддалечува од својата претходна локација, близу Канада, и се поместува кон Сибир во Азија.
Поради ова поместување, досега се вршеше редовна корекција на мапата на т.н. светски магнетски модел – СММ (World Magnetic Model). Корекциите се прават во интервали од по 5 години, со оглед на тоа што СММ е важен фактор во системот за електронска навигација на пловните објекти во океаните и во воздушните летала. Но, тоа што ги забунува научниците е зголемената брзина на поместувањето во последно време. Па така, таа сега изнесува 55 km годишно, што претставува зголемување за повеќе од 3 пати во споредба со брзината од 1990 година (види ја сликата во прилог). Поради тоа се повикува редовно планираната корекција на наведениот модел, предвидена за 2020 година, итно да се изврши уште денес, бидејќи веќе е пречекорен прагот на брзината предвиден со корекцијата. На тоа веќе работат институциите British Geological Survey и Oceanic and Atmospheric Administration, па се очекува корекцијата да биде готова во текот на идната недела и да биде во оптек до 2020 година, кога е предвидена нова корекција.
Поместување на Северниот магнетски пол кон Сибир
Но, која е причината за ова поместување на Земјиниот северен магнетски пол? Научниците сè уште немаат конкретно сознание. Да објасниме, магнетскиот северен пол не треба да се поистоветува со “географскиот пол” од оската на Земјината ротација. Имено, тие два пола досега воопшто не се совпаѓале. Меѓутоа, со наведеното поместување, северниот магнетски пол всушност постојано се приближува до географскиот пол, што може добро да се забележи и на сликата во прилог. Како една можна причина за поместувањето, научниците го сметаат дејството на растопената земјина магма којашто го креира магнетското поле. Меѓутоа, бидејќи таа ротира со различна аголна брзина во однос на ротацијата на планетата, ова повлекува непрекината промена на ориентацијата на магнетското поле, а со тоа и поместување на магнетските полови. Како друга причина научниците ја сметаат можноста локацијата на северниот магнетски пол да е одредена од 2 големи магнетски полиња, едното под територијата на Канада, другото под територијата на Сибир, кое надвладува и го влече Северниот пол кон себе. Овие можни објаснувања се изнесени во научното списание Nature. А што се однесува до зголемената брзината на поместувањето во последно време, како можна причина научниците сметаат дека таа најверојатно е последица од дејството на некој потповршински млаз од растопено железо, којшто го ослабува магнетското поле во близина на Канада, па магнетското поле од под Сибир го влече магнетскиот пол кон себе.
Како и да е, точната причина за поместувањето сè уште не им е позната на научниците!