Ново изненадување за метеоролозите. Како што јавуваат од Science, она што досега се сметаше за конвенционална мудрост и знаење за физиката на формирање на торнадата, повеќе не важи. За што се работи?
Еден научен тим што ги проучувал мерењата за брзината и правецот на ветровите добиени од торнадата што се формирале во американските држави Оклахома и Канзас (реонот што Американците го нарекуваат и “Tornado Alley”), забележал дека вртливите ветришта од овие специфични бури, најнапред се формираат во близина на тлото! Наодите се во спротивност на досега општоприфатеното мислење дека ветровите на торнадата се создаваат во облаците, на висина од неколку километри, и дека дури подоцна тие се спуштаат да ја допрат површината на Земјата.
Биле анализирани податоците од вкупно четири торнада, меѓу кои и торнадото со досега најголема регистрирана широчина од 4,2 километри, познато под името Ел Рено. Споредувањето на радарските мерења што ја следеле брзината на ветерот со фотографиите и видеата на Ел Рено, направени од т.н. “гонители” на бури, открило неочекувано чудни случувања. Инката од бурата веќе го имала допрено тлото пред радарските податоци, добиени на висина од околу 250 метри, да регистрираат каква било ротација.
По ова, научниците одново ги анализирале радарските мерења направени непосредно над тлото. Ел Рено бил особено “погоден” за прецизни мерења, поради конфигурацијата на зафатениот терен – едно ритче им овозможило на научниците да направат мерења без на нив да влијаат околните дрва и бандери. При мерењата била откриена забрзана ротација на воздухот непосредно над тлото, пред таа да се појави на поголема височина. Шемата на формирање била потврдена кај уште три други торнада.
Според истражувачите вклучени во проектот, откритието би требало да го промени начинот на којшто метеоролошките прогнозери даваат предупредувања за формирање на торнадата. Имено, како што велат во Science, прогнозерите најчесто се потпираат на податоците за ветровите добиени високо во облаците. Имајќи ги предвид новите сознанија, ветровите непосредно над тлото, во истиот момент веројатно веќе имаат опасна брзина, па така, предупредувањата за ветрови со јачина на торнадо може да бидат издадени предоцна.