Со развивање бизнис модели од студентски трудови заврши шестата студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕОР 2018). Во рамките на конференцијата беа презентирани 40 студентски трудови, од кои на последниот ден, 10 се “натпреваруваа“ преку хакатон. Хакатонот се одржа во просториите на ИНОФЕИТ Центарот за трансфер на технологии и иновации при Факултетот за електротехника и информациски технологии.
“Најдобрите 10 бизнис модели се претставија пред комисија составена од професори и бизнисмени од Македонија и од странство. Претходно, соодветни ментори им помагаа на студентите при креирањето на нивните бизнис модели и во подготовките за презентација“, рече Александар Стамболиев, главен извршен директор при Акцеларатор УКИМ.
Важно е што и во текот на последниот ден, Јаир Енгел, директор на Кајама центарот за одржлив дизајн во Израел, одржа пленарно предавање на коешто ја презентираше циркуларната економија, нешто со што за првпат се запознаа македонските студенти.
Во текот на успешно одржаните три дена од СКЕЕОР 2018, студентите имаа можност да ги презентираат своите научни трудови и да разменат и стекнат многу нови знаења преку комуникација и дискусии со професорите и со претставници од компаниите. Тие, со помош на ментори, работеа на развивање на своите идеи во бизнис модели.
Самиот хакатон го отвори Дијана Десподов, извршен директор на Американската комора во Македонија, според која, ова е настан каде што се спојуваат индустријата и студентите, истакнувајќи дека на студентите им се потребни менторирања од докажани професионалци и членови на македонската индустрија. "Поради ова, АмЧам, како стопанска комора", рече таа, "секогаш е подготвена да помогне вакви настани."
Настанот е поддржан од #SwissEP, иницијатива на Швајцарската програма за претприемништво, финансирана од Владата на Швајцарија и имплементирана од Swisscontact во конзорциум со Ј.Е.Астин.
Студентите кои се главни организатори на СКЕОР се задоволни од Конференцијата и се надеваат дека учесниците си заминуваат со многу повеќе информации и знаења поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој.