Преблиската поставеност на полињата со ветерници ја намалува ефикасноста на ветроцентралите при генерирањето на електричната енергија, покажаа најновите истражувања.
Заветрината што ја создава едно поле исполнето со ветерници може да се простира и на над 50 километри, што значи потенцијална загуба од милиони долари за подолу од нив поставените ветерници, – неодамна објавија истражувачите во списанието Nature Energy.
Во најновото истражување направено во Тексас, се анализирало влијанието на ефикасноста што едно поле со ветерници го има врз производството на енергија на другото вакво поле, поставено подолу низ ветерот. Истражувањето открива дека полето со ветерници поставенo подолу во правец на ветерот произведувало за 5% помалку енергија, споредено со соседното поле поставено погоре во правец наспроти ветерот. Загубите по оваа основа, преточени во пари, за периодот од 2011 до 2015 година изнесувале 3,7 милиони американски долари.
"Со употреба на две различни научни техники, ние демонстриравме дека ефектите на заветрината кај ветроцентралите се реални, забележливи и произлегуваат од јасно разбрани физички процеси", пишуваат авторите, предводени од Џули Лундквист од Универзитетот на Колорадо во Болдер, САД.
Како што констатират авторите, ветерниците вообичаено се поставуваат долж коридорите на постојаните ветрови и во близина на главните далноводи, со што се зголемува веројатноста за нивно заветринско препокривање.
Искористувањето на енергијата на ветерот е во постојан пораст во изминатата деценија. На пример, само во САД, пред 10 години, електричната енергија добиена од ветроцентралите имала удел од помалку од 1% од вкупното производство на електрична енергија. Но, веќе во 2016 година, овој удел се покачил на 6%.
Порастот се должи на значителни финансиски инвестиции. Според Американската асоцијација за енергија од ветер, во САД се потрошени повеќе од 145 милијарди американски долари за развојни проекти во изминатата деценија.
Како што забележуваат авторите, во САД не постои регулатива којашто ја зема предвид заветрината што ја создаваат полињата со ветерници, и покрај јасните финансиски последици. Тие повикуваат на дополнителни истражувања и на воведување општи правила со коишто би се избегнале идните правни компликации.