Додека поројните дождови сè уште ја отежнуваат борбата со калифорниската огнена стихија, наречена Логорски оган (Camp Fire), тимот за напредно брзо снимање и анализа (Advanced Rapid Imaging and Analysis – ARIA) при Лабораторијата за млазен погон (Jet Propulsion Laboratory) на НАСА, вчера ја објави најновата фотографија направена од вселената, којашто дава јасна слика за опустошувањето што зад себе го остава овој досега најдеструктивен пожар во историјата на американската држава Калифорнија. Според последните податоци, пожарот јагленисал површина од над 61 100 хектари, уништил над 14 000 објекти, а она што не може да се надокнади се 77 лица погинати во пожарот, додека речиси 1300 лица сè уште се водат како исчезнати.
Фотографијата од НАСА ја покажува состојбата на пожарот на 16 ноември и е направена со помош на радарските снимки од сателитите Copernicus Sentinel-1 на Европската вселенска агенција. На снимките се забележува и целосното уништување на гратчето Парадајз.
Делот од сликата истакнат со црвени рамки заокружува површина од 78 x 77 километри. Податоците од Copernicus беа споредени со снимките од истото подрачје пред да избувне пожарот, направени од државната противпожарна служба со цел да се проценат штетите на теренот. Промените се истакнати со жолто и црвено, каде што со црвена боја се прикажани најголемите опустошувања направени од пожарот.