Како што ни тргнало со поројни дождови лете, а со релативно суви есен, зима и пролет, во ова не е толку тешко да поверуваме. Тврдењето на научниците е поткрепено со исцрпни анализи и докази, а пред доказите... знаете како оди понатаму, сите треба да молчат.
Некои денови се суви, други се влажни, но некои се навистина влажни. Едно ново истражување открива дека кое и да е место на светот ги добива половина од своите годишни врнежи во просек за само 12 дена!
При своите анализи, истражувачите ги разгледувале податоците за дневните врнежи собрани на 185 локации во светот, во периодот од 1999 до 2014 година. Овој 16-годишен период бил доволно долг за да ги опфати годишните варијации на врнежите предизвикани од Ел Нињо и од други краткорочни климатски циклуси. Тие се сконцентрирале на метеоролошките станици лоцирани во рамките 50° од екваторот, што им овозможило да користат и сателитски податоци за да ги потврдат своите податоци и да ги екстраполираат своите наоди во пошироки региони.
Во просек, највлажниот ден во секоја локација носел количина на дожд којашто би паднала во текот на цел месец. Исто така, половина од количината на годишните врнежи на истата локација паѓале во текот на само 12 дена, велат наодите објавени овој месец во Geophysical Research Letters. Податоците за тоа кои точно денови се највлажни, варираат како во поглед на годишните времиња, така и од место до место, но моделот се пресликува низ целиот свет.
Истражувачите употребиле и 36 различни климатски модели, со цел да ги проценат идните промени во трендот на дождовните врнежи. Тие особено ги испитале проценките за дневни врнежи во периодот од 2085 до 2100 година, за сценарио во коешто атмосферската концентрација на јаглероден диоксид (CO2) расте на 936 делови на милион (ppm) во 2100 година. (Денес, концентрацијата на CO2 изнесува околу 408 ppm.) Во тој потопол свет, воздухот може да држи повеќе водена пареа, а со тоа и екстремните дождови ќе станат уште поекстремни. Во последните 16 години од овој век, на секоја локација може да се очекува половина од годишните врнежи да паднат за само 11 дена!
Значи, допрва ќе видите што се поројни дождови.