Рубрика: Геологија
Откриен огромен кратер под глечерите на Гренланд
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.11.2018 - 11:30

Научниците откриja огромен кратер, широк 31 километар, закопан под 930 метри мраз во северозападниот дел на Гренланд. Како што вчера беше објавено во Science Advances, од страна на научниот тим од Универзитетот во Копенхаген, се проценува дека метеоритот којшто ја формирал оваа дупка бил со пречник од најмалку 1,5 km. Оваа големина е повеќе од доволна за да предизвика големи штети на околината во северната хемисфера и да има значително влијание на глобалната клима.

Иако самиот кратер сè уште не е датиран, податоците од глацијалните остатоци, како и симулациите за протокот на мраз, укажуваат дека ударот најверојатно се случил во епохата на плеистоценот, во периодот од пред 2,6 милиони до пред 11 700 илјади години. Откритието би значело оживување за контроверзната хипотеза што тврди дека удар од метеорит е главниот виновник за мистериозното 1000-годишно заладување што се случило пред околу 13 000 години, период познат како ран дриас.

Членовите на истражувачкиот тим, предводени од Курт Кјер, за првпат го забележале чудниот кружен облик на работ на глечерот Хијавата во северозападниот дел на Гренланд, при скенирањето на регионот за потребите на мисијата на НАСА, операција Леден мост (Operation IceBridge), во 2015 година. Мисијата вршела радарско скенирање од воздух, со цел да ја мапира дебелината на мразот на Земјините полови. Уште тогаш истражувачите се посомневале дека забележаната кружна форма претставува раб од кратер.

За подетално испитување бил ангажиран авион од германскиот Институт Алфред Вегенер, опремен со ултра-широкопојасен радар со којшто можеле низ мразот да се упатат енергетски пулсеви во широк фреквентен опсег. Користејќи ги податоците собрани од 1997 до 2014 година, од Ледениот мост и од Програмата на НАСА за регионална проценка на климатските услови на Арктикот, како и податоците собрани со помош на ултра-широкопојасниот радар во 2016 година, за површина од 1600 километри, тимот ги мапирал внатрешните и надворешните контури на релјефната аномалија.

Добиените податоци упатуваат на мислењето дека речиси сигурно се работи за ударен кратер. Не се работи само за првиот кратер пронајден на Гренланд, туку тој е и еден од околу 25-те најголеми кратери забележани на Земјата. Како што додава Џон Паден, електроинженер од Универзитетот на Канзас и член на тимот, природата на кратерот е особено видлива на сателитските снимки.

На површината, тимот направи анализи на околните седименти, барајќи ги геохемиските и геолошки промени карактеристични за удар од астероид. Земањето мостри од самиот кратер било невозможно, бидејќи тој е покриен со мраз. Но, на самиот раб од ледената кора, стопената вода од подножјето на глечерот, со текот на годините наталожила седиментни наслаги. Научниците собрале примерок од седиментот од работ на глечерот и неколку примероци од тлото веднаш до него.

Примерокот исфрлен од глечерот содржел неколку знаци на удар – кварцни зрна со деформирани кристални решетки и стаклести зрна што може да потекнуваат од моментално стопените карпи. Примерокот содржел и покачени концентрации од одредени елементи, вклучувајќи никел, кобалт, платина и злато, споредено со количеството што вообичаено е присутно во Земјината кора. Според истражувачите, овој состав не само што е показател за удар од астероид, туку дава увид и во типот на ударното тело. Имено, според нив, се работи за релативно редок железен метеорит.

Утврдувањето на точното време на ударот на метеоритот во Земјата се покажало многу посложено. Податоците добиени од скенирањето на површината под мразот со помош на радар откриле дека самиот кратер е исполнет со неколку различни слоеви мраз. Слојот на врвот покажува јасна, континуирана секвенција од помали наслаги мраз, кои го претставуваат постепеното таложење на снег и мраз што се случувало во последните 11 700 години од историјата на Земјата, во време на холоценот. На дното од овој ‘доброорганизиран’ слој е сместен сосема различен слој, богато “извалкан” со различни примеси, којшто е забележан и на други места во ледените јадра на Гренланд, а се смета дека го претставува студениот период на раниот дриас, кој се протега приближно во периодот од пред 12 800 до пред 11 700 години. Под овој слој е уште еден голем слој, но за разлика од слојот наталожен за време на холоценот, овој е испревртен и груб, со брановидни, речиси рамни помали слоеви.

Под него, пак, бил забележан тоа уште подлабок, комплексен базален мраз. Радарските снимки од овој слој, кој се наоѓа на самото дно во рамките на кратерот, покажуваат неколку чудни врвови, за кои коавторот на трудот, Џозеф Мекгрегор, вели дека би можеле да бидат материјал од тлото вгнезден во мразот.

Овие податоци јасно укажуваат на тоа дека ударот се случил пред најмалку 11 700 години. И работ на кратерот се чини дека го пресекува некогашниот речен канал од претходно постоечки воден тек што веројатно тука минувал пред Гренланд да биде окован во мраз пред околу 2,6 милиони години.

Овој временски период е огромен, во суштина ја опфаќа целата епоха на плеистоценот. Тимот работи на понатамошно стеснување на можниот временски период, со анализа на повеќе примероци на седимент, вршење симулации на стапката на проток на мраз и евентуално јадрена материја собрана од кратерот.

Ударот од откриениот астероид имал големо влијание на глобалната клима
Клучни зборови:
Кратерот е откриен на работ од глечерот Хијавата на Гренланд

Кратерот е откриен на работ од глечерот Хијавата на Гренланд

Кварцен кристал на којшто се забележани деформитети во кристалната решетка

Кварцен кристал на којшто се забележани деформитети во кристалната решетка, типични за удар од метеорит