Рубрика: Медицина
Наноботи ќе пливаат низ очите за да испорачаат лекови
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 08.11.2018 - 11:15

И самата помисла на рој малечки роботи што навлегуваат и “трчкаат” низ очното јаболко е доволна за срцето да ни потскокне и кожата да ни се наежи. Но, научниците веруваат дека иднината на офталмологијата можеби ќе вклучува токму вакви малечки, контролирани средства за транспорт на лекот до точката во којашто тој треба да се нанесе. За оваа цел истражувачите изработија мала сврдлеста спирала што еден ден би можела да биде употребена за целно доставување на лекови.

При тековните третмани за очните болести, како што се глаукомот или дијабетскиот макуларен едем, лековите се даваат со директно инјектирање или, пак, во вид на капки за очи. Обата методи се ефективни, но не и најпрецизни, честопати покривајќи го целото око со слој од лекот.

Научниците се послужиле со 3Д-печатење за да создадат роботи со нанометарски димензии во облик на спирали, две карактеристики што ќе им овозможат да поминат низ густата желатинска маса, позната како стаклесто тело што го исполнува најголемиот дел од окото. За полесно движење низ окото, на наноботите им биле додадени лизгава обвивка, но и магнетен материјал, за да се овозможи контрола на нивното движење со помош на магнетно поле.

За да се тестира ефективноста на наноботите, научниците употребиле очи од мртва свиња. Во нив најнапред бил инјектиран раствор што содржел околу 10000 ботови по око. Потоа, очите ги поставиле во магнетно поле што го користеле за насочување на движењето на ботовите кон мрежницата во задниот дел на окото. Сликите од внатрешноста на окото покажале дека ројот наноботи успешно пристигнал до мрежницата за помалку од 30 минути, што е околу 10 пати побрзо пробивање споредено со постепеното напредување на честички со слична големина низ окото. Истражувањето беше објавено минатата недела во Science Advances.

Технологијата е сè уште далеку од клиничка примена. Најнапред истражувачите треба да ги тестираат спиралните ботови во око на живо животно, а потоа ќе можат да започнат и со тестирање на техниката кај луѓе. И најбитно, треба пронајдат нов, безбеден и лесно растворлив материјал за наноботите, коишто при овие првични опити биле направени од никел.

 

* За тие што не го владеат англискиот јазик, каналот нуди опција за автоматски, машински превод на видеото. Процедурата за вклучување е следна – кликнете врз иконата Settings, запченикот во долниот десен агол, и изберете ја опцијата Subtitles/CC. По ова изберете Auto-translate и од листата со понудени јазици изберете Macedonian.

Наскоро во офталмологијата може да се користат наноботи за таргетирана достава на лекот
Клучни зборови:
Шема на користење на наноботите за таргетирано администрирање на лекот

Шема на користење на наноботите за таргетирано администрирање на лекот: 1 – инјектирање на ројот во стаклестото тело, 2 – насочување на движењето на наноботите со помош на магнетно поле, 3 – набљудување на процедурата со помош на OCT (Optical coherence tomography)