Транспортната компанија Ирикс спроведе истражување со цел да ги пронајде најсоодветните патишта во Велика Британија за сообраќај на автономни (беспилотни) возила. Според фирмата, коридорот помеѓу Манчестер и Глазгов со ознака M6 / M74 (за љубопитните и оние кои патуваат во Англија), се покажал како најповолен за сообраќање на беспилотни камиони во Велика Британија, додека кај некои од патните коридори примената на автономниот сообраќај може да донесе најголемо подобрување во безбедноста.
Извештајот наведува дека високоавтоматизираните возила "наголемо ќе го изменат секторот за транспорт", а контингент од автономни камиони се очекува да бидат тестирани на автопатите ширум Англија до крајот на оваа година.
Англичаните, како вистинско демократско општество, за ова ги консултираа и граѓаните. Пулсот на јавното мислење го опипа Open Text, коишто важат за водечка компанија за справување со бизнис информациите. Тие неодамна анкетирале 2000 британски потрошувачи во поглед на нивните ставови кон автономните / беспилотните возила.
Истражувањето укажа на една состојба на збунетост во врска со моментот за којшто јавноста смета дека автономните возила ќе станат дел од нивното секојдневие и за степеност на нивната вклученост во сообраќајот. До израз дошле измешаните чувства за неизбежноста на овој момент и недовербата насочена кон прифаќањето на трендот овозможен од технологијата со вештачка интелигенција (ВИ).
Една третина од испитаниците (31%) сметаат дека во наредните 10 до 15 години превласта на патиштата ја преземат беспилотните/автономните автомобили. Меѓутоа, треба да се има предвид дека при едно слично истражување на OpenText во 2017 година, речиси двојно повеќе луѓе (66%) го делеле ова мислење.
Во 2017 година, 24% од испитаниците изјавиле дека би се согласиле да бидат патници во автономен автомобил, за оваа бројка сега да се намали на 19%. Покрај тоа, само 23% од испитаниците во 2018 година сметаат дека способноста на беспилотните / автономните возила да ги почитуваат сите сообраќајни правила ќе ја подобри безбедноста во сообраќајот, што е пад од 42% во 2017 година. Денес, само еден од десет испитаници (10%) сметаат дека технологијата ќе ги направи патиштата побезбедни.
Истражувањето покажа дека автомобилската индустрија освен на полето на технологијата треба да работи и на полето на стекнување на довербата на корисниците во поглед на користењето на ВИ технологијата. Според сите укажувања токму тука можеби лежи и клучот за успешна иднина на автономните возила.