Викендов од космодромот Куру во Француска Гвајана беше лансирана ракетата Ариана 5 којашто со себе ги понесе двата орбитери што низ меѓуѕвездениот простор ќе се упатат на нивниот пат кон Меркур.
Мисијата е наречена Бепи-Коломбо според професор од Универзитетот во Падова Италија и е заеднички потфат на Европската вселенска агенција ESA и Јапонската вселенска агенција JAXA.
Ова е трета мисија што за своја дестинација ја има планетата којашто се наоѓа најблиску до Сонцето. Ако не се земе предвид Земјата, Меркур е и единствена планета во Сончевиот систем со сопствено магнетно поле.
Двата орбитера заедно тежат околу 100 килограми, а нивната задача е различна. Еден од орбитерите ќе биде задолжен за мапирање на површината на планетата, додека другиот ќе го мери нејзиното магнетно поле. За време на седумгодишното патување мисијата БепиКоломбо на двапати ќе помине покрај Венера, искористувајќи ја нејзината гравитација за да добие забрзување на патот кон Меркур каде треба да пристигне кон крајот на 2025 година.
Критичниот дел од мисијата е при финалниот пристап кон Меркур, кога двата орбитера треба да останат заробени во слабото гравитациско поле на планетата. Ако ова не се случи и орбитерите ја промашат целта, тие ќе продолжат да се движат кон Сонцето и неговата површина со температура од 5500°C. Ако мисијата ја погоди целта и Бепи-Коломбо остане во орбитата на Меркур, орбитерите ќе ја започнат двегодишната работа што се состои од набљудување и анализи. Ако сè се одвива според планот, мисијата ќе заврши 2027 година.