И по речиси шест децении од лансирањето на првиот човек во вселената, патот во вселената сè уште останува опасен потфат исполнет со предизвици, како што вчерашниот ден на момент нè потсети.
Она што требаше да биде “рутинска” мисија за превоз на двајца астронаути и товар до Меѓународната вселенска станица, многу брзо се претвори во драма на исчекување. Само неколку минути по лансирањето на леталото Сојуз МС-10 од Бајконур, беа пријавени сериозни аномалии. Екипажот составен од рускиот космонаут Алексеј Овчинин и американскиот астронаут Ник Хаг, пријавил чувство на бестежинска состојба, по што беше констатирано дека дошло до откажување на бустерите. По ова, беше прогласена состојба на опасност и се премина кон итно одвојување на леталото од ракетата. Откажувањето на мисијата се случи на висина од околу 50 километри, што значи дека леталото не ја помина линијата караман, односно сè уште не ја прејде границата од којашто условно се смета дека започнува вселената.
Леталото успешно се спушти назад на Земјата, следејќи балистичка траекторија, при што неговото движење низ атмосферата се одвива со намалена можност за контрола, а екипажот во него искуси гравитациско оптоварување до 6,7 G. Приземјувањето се случи на оддалеченост од 402 километри од местото на лансирањето, поточно, дваесетина километри источно од Жезаказган во Казахстан. Приближно 25 минути откако беше испратен тимот за протрага и спасување, од НАСА јавија дека стапиле во контакт со Овчинин и со Хаг. По лекарскиот преглед, астронаутите биле пренесени до космодромот Бајконур, за да се сретнат со нивните семејства, за потоа да заминат за Москва.
Се очекува набрзо да се отвори истрага за инцидентот, за да се лоцира проблемот којшто доведе до откажување на бустерот, со цел тој да се избегне при идните мисии.