Џин Роденбери, кој го создаде серијалот “Ѕвездени патеки”, беше визионер на повеќе полиња – уредите за комуникација на екипажот на Ентерпрајз наликуваат на современите паметни телефони, бродската болница на Боунс наликува на денешните медицински скенери, но, за жал, транспортерот е сè уште работа во процес. Сега, се чини дека точно ја предвидел и локацијата на планетата од каде што потекнува научниот офицер на Ентерпрајз, г. Спок.
Списанието Sky & Telescope токму оваа недела, пред речиси 30 години, објави дека Џин Роденбери и тројца астрономи од Центарот за физика Харвард-Смитсонијан во Кембриџ, Масачусетс, им пишале писмо дека планетата Вулкан најверојатно се наоѓа во орбита околу планетата 40 Еридани А. Иако точната локација на планетата Вулкан не се споменува ниту во еден момент во серијата и подоцна во филмовите од познатата франшиза, од страна на фановите на Ѕвездени патеки, голем број ѕвезди биле посочувани како можни матични ѕвезди на планетата Вулкан. Роденбери и коавторите во нивното обраќање укажуваат на тоа дека 40 Еридани А е најверојатна локација, најнапред поради нејзината старост од 4 милијарди години, што е доволно време за на планетата којашто би се наоѓала во орбита околу ѕвездата да се развие вид на суперинтелигентни суштества како Спок.
Се враќаме денес, 30 години по споменатиот настан. Астрономите открија дека портокаловото џуџе 40 Еридани А, ѕвездата што се наоѓа на оддалеченост од 16 светлосни години од нас, навистина крие планета во орбитата околу неа. Проектот за планетарно набљудување Дарма, којшто е во потрага по планети со мала маса сместени во орбита на блиските ѕвезди, пријави дека можната планета “Вулкан”, со ознака HD 26965b, е осумпати поголема од Земјата. Како што пишуваат во Sky & Telescope, резултатите чекаат на објавување во месечникот на Кралското астрономско друштво.
Големата маса значи дека планетата ќе има голема гравитација, веројатно преголема за да овозможи услови за опстојување на вонземен живот. Покрај тоа, нејзината орбита се наоѓа преблиску до ѕвездата, што значи дека планетата е претопла. Од друга страна, Вулканците во Ѕвездените патеки се прикажани како битија што се снаодливи кога работат под притисок и успеваат да се извлечат од жешки ситуации.