Еден нов експеримент докажува дека науката, дури и кога се занимава со сериозни работи, може да има и забавна страна. За што се работи?
Научниците успеале да ги подредат одделните атоми од елементот рубидиум во низа различни 3Д-форми, меѓу кои и Ајфеловата кула. Тимот ова го постигнал употребувајќи ласер за да ги зароби атомите во одреден аранжман, притоа употребувајќи техника налик на холограм за да ги испрограмира сложените позиции. За поместување на атомите коишто се нашле на погрешна позиција, тимот употребил ласерски “пинцети”.
Експериментот е дело на научниците од Институтот за оптика во Палезо, Франција, а резултатите се објавени денес во списанието Nature.
Освен Ајфеловата кула научниот тим “извајал” конус, крофна и мобиусова лента – ви текнува, превитканиот прстен со една страна налик на знакот на вечноста. Техниката којашто е користена при експериментот би можела да се примени при создавањето на атомски квантни компјутери. Тие би ги правеле пресметките со манипулација на меѓусебното влијание на индивидуалните атоми.