Вообичаената терапија за мозочен тумор влијае на способноста на децата да формираат одредени видови сеќавања. Мелани Секерес (Melanie Sekeres) од Универзитетот Бејлор во Вако, Тексас, Пол Франкленд од Болницата за болни деца во Торонто, Канада, и нивните колеги во текот на една година ги следеле децата што биле подложени на радиотерапија и хемотерапија за сузбивање на медулобластом, најчестиот тип на малигнен тумор којшто се јавува кај децата. Истражувачите откриле дека хипокампусот, мозочниот регион што е вклучен во обработката на сеќавања, бил помал кај овие деца отколку кај децата во контролната група.
Од децата било побарано да раскажат една побитна случка од животот, како на пример, семејно патување, којашто се случила во претходниот месец и втора побитна случка од малку подалечното минато. Кога ги раскажувале подалечните сеќавања, кои се случиле пред терапијата за рак, децата пациенти и децата од контролната група имале слични резултати. Но, при присетувањето на поскорешните сеќавања, коишто се случиле кога децата пациенти веќе биле подложени на терапија, тие можеле да се сетат на значително помалку детали отколку децата од контролната група.
Авторите на истражувањето објавено овој месец во The Journal of Neuroscience посочуваат дека радијацијата може да влијае на формирањето нови сеќавања, со тоа што го потиснува растот на новите неврони во хипокампусот, ефект којшто претходно е забележан кај глодарите.