Има една голема неправда за сите возачи кои ги почитуваат сообраќајните знаци и прописи во однос на ограничувањето на максимално дозволената брзина на критичните места во градскиот сообраќај. Познато е дека многу популарно решение се успорувачите на брзината на движење или популарно наречените лежечки полицајци. Неправдата се состои во тоа што и оние што се движат со дозволената брзина мора да трпат уништување на својот автомобил поминувајќи преку нив со дозволената брзина или принудно со “лазење” да поминат преку нив а потоа да го забрзаат своето возило (непотребно трошење на гориво) што му доаѓа исто од финансиска гледна точка.
Шведската фирма Едева пред некое време излезе со решение за овој голем проблем. На пазарот понуди успорувач на брзината наречен ActiBump. Решението е доста интересно. На точно пропишано растојание од успорувачот на брзината со радар се детектира моменталната брзина на движење на возилото. Ако брзината е помала од максимално дозволената тогаш платформата на успорувачот е на иста висина како и асфалтот на патот и моторното возило не трпи удари кога поминува над него. Доколку брзината детектирана од радарот е поголема од максимално дозволената, тогаш подвижната платформа на задната страна се спушта за 60 милиметри и го принудува возачот да ја намали брзината како не би го упропастил своето возило. Чесно и фер решение. Секому она што му следува согласно однесувањето во сообраќајот, барем од аспект на почитување на максимално дозволената брзина во градските средини. Пофер здравје! Швеѓаните многу брзо ги усвоија паметните лежечки полицајци и тие веќе се употребуваат во неколку шведски градови, како Хелсинборг, Упсала, Малме, Линкепинг,...
Кај нас слично решение понуди иновативниот тим на Smart Traffic Safety Systems. Нивното решение SmartBumps на саемот за иновации во Белград лани се закити со златен медал со ликот на Никола Тесла. Се надеваме дека нашите градски татковци набргу ќе ги увидат предностите на ова решение и ќе престанат да се потпират на дупките по улиците за ограничување на брзината.