Забележано е неверојатно намалување на втората по големина во светот колонија на пингвини, во период од само неколку децении. Падот е огромен, од половина милион парови со полна полова возраст во ‘80-тите години на минатиот век, на само десетици илјади во 2017 година.
Колониите на кралски пингвини (аptenodytes patagonicus), коишто тие ги формираат заради размножување и подигање на младите, зафаќаат парчиња земја без вегетација на островите во Јужниот Океан, вклучувајќи го и оддалечениот Остров на Свињите (Ile aux Cochons). Снимките од хеликоптер и сателитските снимки, направени во 1982 и во 1988 година покажале дека на островот имало околу 500 000 парови – популација која била втора по големина во светот. Поголема колонија имале само пинвините чинстрап (pygoscelis antarctica) на Јужните Сендвич Острови.
Анализирајќи ги новите хеликоптерски и сателитски снимки од 2015 и 2017 година, Анри Вајмеркирх во Францускиот национален центар за научни истражувања и неговите колеги, откриле дека вегетацијата пополнила голем дел од тлото на местото каде што пингвините доаѓаат да се парат и да ги одгледаат своите малечки. Тимот проценува дека во последниве 35 години, бројот на колонијата се намалил за 88% и сега е сведен на околу 60 000 парови од кралските пингвини.
Речиси една третина од целокупната светска популација на кралски пингвини исчезнала. Истражувачите немаат конечни објаснувања за падот на бројноста на колонијата, којшто, многу веројатно, сè уште е во тек.