Луѓето што имаат скршена рака доживуваат промени во анатомијата на мозокот, но и во мозочните активности, и тоа во рок од само 16 дена, утврдиле швајцарските истражувачи.
Иако десничарите може да се чувствуваат беспомошни кога нивната десна рака е во гипс, мозокот брзо реагира и го компензира губитокот, односно анатомски се прилагодува на ситуацијата и ја зголемува активноста од другата страна на телото.
Во истражувањето биле вклучени 10 волонтери-десничари со скршена десна рака. Сите биле прегледани веднаш по повредата. Со оглед на тоа што десната рака била во гипс или во лонгета тие биле принудени да ја користат левата рака во секојдневните активности како јадење, миење заби, пишување и слично. Испитаниците двапати биле подложени и на магнетна резонанца на мозокот – првиот пат 48 часа по повредата, а вториот пат 16 дена по имобилизацијата на раката. Од добиените податоци невропсихолозите ја анализирале сивата и белата мозочна маса на сите волонтери. Била пресметана дебелината на мозочната кора и вредностите на кортикоспиналниот тракт, а биле измерени и моторните способности во левата рака. Било откриено дека во овој краток временски период имобилизацијата на десната рака ги променила деловите од мозокот што ги контролирале моторните способности и чувствителноста. Сивата и белата мозочна маса во десната хемисфера на мозокот задолжена за моторика се намалила, а се зголемила во делот што ја контролира инаку инфериорната лева рака.
Заклучокот бил дека повредените екстремитети треба да бидат имобилизирани што е можно пократко, односно не повеќе од она што е строго неопходно, бидејќи имобилизацијата има негативни ефекти и на мозокот, односно на мозочната активност и големината на делот од мозокот кој ја контролира повредената рака. Истражувачкиот тим не ги следел волонтерите откако им бил симнат гипсот, но д-р Лангер претпоставува дека настанатите промени траат само додека раката е имобилизирана и кратко време потоа.
Научниците веруваат дека резултатите од ова истражување ќе бидат важни и за лекување на последиците од мозочен удар – имобилизацијата на рака или нога на страната од телото што не е зафатена од мозочниот удар е суштинско за опоравување на болната страна.