Затемнувањата на Месечината, а особено на Сонцето, се едни од поретките астрономски појави на небото, кои не треба да се пропуштат. Овој петок, на 27 јули, ќе бидеме во можност да проследиме целосно затемнување на Месечината.
Затемнувањата на Месечината се случуваат во периодот кога таа поминува во сенката која ја фрла Земјата. Гледано од Сонцето, при целосното затемнување Месечината се наоѓа зад Земјата. Во тие моменти Сонцето, Земјата и Месечината се подредени во (приближно) права линија како што е прикажано подолу на слика 1.
Бидејќи целосното затемнување на Месечината настанува кога Сонцето и Месечината се на спротивни страни од Земјата, следува дека затемнување на Месечината може да настане само при полна месечина. Но, тука се поставува прашањето, зошто тогаш нема затемнување на Месечината при секоја полна месечина? Причината за тоа е што, гледано од Земјата, Сонцето и Месечината не се движат на небото во иста рамнина, туку нивните привидни патеки им се наклонети за 5 аглови степени. Затоа затемнување на Месечината (и на Сонцето) може да настане кога телата се наоѓаат приближно во пресечните точки на двете кружници (во влезниот и излезниот јазол; слика 2).
Да бидат работите уште малку покомплицирани, заради многу поголемите димензии на Сонцето во однос на Земјата, Земјата зад себе фрла сложена сенка која се состои од два дела, сенка (умбра) и полусенка (пенумбра). Целосно затемнување на Месечината настанува кога Месечината целосно ќе навлезе во умбрата. Делумно затемнување настанува кога само еден дел од Месечината ќе навлезе во Земјината сенка, а пенумбрално затемнување се нарекува кога Месечината ќе навлезе само во полусенката од Земјата. Се разбира, најинтересно за набљудување е целосното затемнување.
Но, на прв поглед изненадувачки, Месечината кога целосно се наоѓа во Земјината сенка сепак е видлива, но не во својата вообичаена светла бело-сива варијанта, туку во некоја многу темна нијанса на црвена боја. Причината за тоа е Земјината атмосфера. Имено, земјината атмосфера повеќе го расејува синиот делот од спектарот на сончевата светлина, а црвената боја проаѓа низ земјината атмосфера и паѓа на Месечината, осветлувајќи ја малку. Од истите причини небото на зајдисонце и изгрејсонце е со црвена боја. Дополнително за нијансите на црвената боја зависи и количеството прав во атмосферата – колку е поправливо, толку поизразита црвена боја ќе има Месечината. Доколку Земјата би немала атмосфера, Месечината при целосното затемнување сосема би ја снемало.
За разлика од набљудувањето на затемнувањето на Сонцето, набљудувањето на затемнетата Месечина е целосно безопасно. Слободно може да се набљудува со голо око, а доколку сте во можност и со оптички инструменти како двоглед или телескоп.
Затемнувањето на 27.7.2018 година
Она што е интересно за ова затемнување на Месечината е тоа што тоа ќе трае навистина долго време – повеќе од шест часа! Целосното затемнување ќе биде видливо нешто помалку од 2 часа.
Месечината ќе изгрее на исток во 19 часот и 49 минути. Веќе во 20 часот и 24 минути, додека е сосема малку крената над хоризонтот на 4,9°, таа ќе навлезе во полусенката на Земјата. По ова, во 21 часот и 30 минути, Месечината полека ќе почне да влегува и во целосната сенка на Земјата. Максимумот на затемнувањето ќе биде во 22 часот и 21 минута. Тоа ќе се случи на 20,3 степени над хоризонтот, што ќе обезбеди пристојна прегледност на настанот. Месечината ќе излезе од целосната сенка на Земјата во 23 часот и 13 минути, по што ќе биде уште извесно време благо затемнета од полусенката на Земјата. Во 01 часот и 28 минута, на 28 јули, Месечината целосно ќе излезе од полусенката на Земјата.
Членовите на Скопско астрономско друштво и овојпат организираат групно набљудување на затемнувањето на Месечината, со можност секој од присутните да погледне и низ телескоп како тоа изгледа од поблиску. Покрај ова, тие информираат дека ќе бидеме во можност да ја набљудуваме и црвената планета Марс во опозиција. Имено Марс на овој датум ќе биде најблиску до Земјата во последните 15 години, а со тоа и ќе се гледа најсјајно на ноќното небо. За да присуствувате на настанот сè што треба е да бидете на плоштадот Македонија во Скопје нешто пред 20 часот и 30 минути.
Ни останува уште да се надеваме дека облаците ќе се расчистат и ќе имаме ведро небо кое ќе овозможи да уживаме во спектаклот.