Колку е стар човекот, веројатно толку е стара и грижата за човековото здравје. Од антички времиња, луѓето со помош на состојки што ги пронаоѓале во природата правеле различни напитоци и каши за да ја победат болеста или да ги олеснат симптомите. Едно интересно истражување било спроведено токму за овие прастари лекарства. Имено, уште пред дваесет години во еден стар римски потонат брод на брегот од Тоскана (Италија) се пронајдени таблети, кои неодамна научниците ги анализирале. Таблетите се стари околу 2000 години.
Шестте таблети биле пронајдени на римскиот потонат брод Поцино (Pozzino), и биле во изненадувачки добра состојба. Се наоѓале во мала лимена кутија којашто ги заштила од влијанието на морската вода, па така преживеале до нивното откривање. Самите остатоци од бродот потекнувале од вториот век п.н.е., поточно ниваната старост е проценета околу 140 –130 година п.н.е. Се смета дека се работи за трговски брод што патувал од Грција низ Медитеранот.
Во археологијата старите лекови многу ретко се пронаоѓаат, па според тоа, и сознанијата за хемискиот состав на овие лекови се ограничени. Повеќето податоци што научниците ги имаат за тие древни времиња доаѓаат од стари записи. Токму затоа ова откритие е многу вредно.
Спектрометарската анализата на таблетите открила низа различни состојки, растителни и животински масти, иглолисни смоли со антибактериски својства, маслиново масло кое тогаш се користело во смесите на различни парфеми и лекови, скроб за кој се смета дека се користел во раната римска козметика и соединенија на цинк за кои научниците веруваат дека биле активна состојка во таблетите.
Составот и споредбата со записите на старите автори како Теофраст, Диоскорид и Плиниј Постариот, научниците ги довеле до заклучок дека таблетите најверојатно имале офталмолошка примена.