Рубрика: Автомобилска техника
20 клучни иновации кај автомобилот: 5. ABS
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 02.07.2018 - 11:30

ABS или Antilock Braking System можеби е најважниот систем за активна безбедност на автомобилот. Што е ABS ситем за кочење?

Познато е дека најголемите проблеми со катастрофални исходи во сообраќајот се случуваат во моментите на панично кочење на автомобилот, кога има некоја опасност. Паничното кочење (неконтролирано притискање на педалот за кочење мислејќи дека автомобилот побрзо ќе сопре ако посилно се притиска на кочницата) доведува до блокирање на вртењето на тркалата на автомобилот. Таа состојба е катастрофална бидејќи автомобилот не може да се управува во тие моменти, т.е. да ја избегне пречката со маневрирање со управувачот и истовремено патот на сопирање е подолг, т.е. автомобилот подоцна ќе застане. Да појаснам: за да може автомобилот да се управува со управувачот тркалата мора да се вртат, во спротивно, тој неконтролирано и по инерција се движи. Што се однесува до должината на патот на сопирање, треба да се знае дека тој е помал доколку нема пролизгување помеѓу пневматикот и асфалтот; интензитетот на кочење, пак, треба да е на граница на пролизгување на тркалото, т.е. ако триењето е статичко (ако има релативно движење помеѓу допирните површини на двата дела што се допираат, тогаш се работи за динамичко триење кое има помала вредност од статичкото, а со тоа и помала сила на сопирање). Значи, обезбедувањето на управливоста на автомобилот и пократкиот пат на сопирање се суштината за примена на овој безбедносен систем. Или со бројки: ABS системот генерално ги подобрува перформансите на системот за сопирање за околу 30%.

Теоретските основи се поставени некаде во далечната 1908 година, а првиот патент е пријавен во Германија, од страна на Карл Весел, во 1928 година. Првите практични примери се реализирани на тркалата од авионите, некаде околу 1950 година, а целта била да се добие колку што е можно пократок пат на запирање на авионот, а со тоа и пократка слетна писта. Потоа, многу подоцна (за околу 20 години) почнува да се применува во автомобилите, а првиот автомобил со модерно решение на ABS систем за кочење бил на гигантот Крајслер од 1971 година. Денеска, кај многу модерни автомобили, ABS системот за сопирање е стандардна опрема. Перформансите се доведени до совршенство. Во 1990 година, ABS системите се воведени и кај моторциклите.

Клучни зборови:
Основниот модул на АБС системот.

Основниот модул на АБС системот. Целта на овој модул е на секоја сопирачка пооделно да го ограничи максималниот притисок на глицеринот (добиен од главната сопирачка пумпа) до ниво на пролизгување на конкретното тркало. Тешка и сложена задача што денешниве мехатронички системи како овој на сликава, мошне успешно ја извршуваат.