Рубрика: Медицина
Тајни симптоми на стрес
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 28.06.2018 - 12:30

Како да препознаете дека нивото на стрес врз вашиот организам е превисоко? Постојат ли некои скриени показатели кои ви го соопштуваат тоа и ве предупредуваат? Постојат, само честопати им ги припишувате на други болести или здравствени состојби, а не ги поврзувате со стресот.

Современиот начин на живот придонесува животот да ни биде стресен и понекогаш многу непријатен. Никој не е поштеден од некој облик на стрес, ни младите ни старите. Од стрес, велат, патат и животните и растенијата!

Низ еволуцијата човечкиот орг  анизам изградил заштитни механизми за справување со стресот, но тие механизми функционираат кога нивото на стресот не е превисоко. Благодарение на нив, стресот станал еден вид нормална појава со која телото може без проблем да се справи. Истражувачите велат дека понекогаш, во исклучителни ситуации, стресот може да има и позитивни ефекти, на пример кога сте на испит или кога некој ве брка! Но, стресот може и да ве блокира, па да заборавите сè што сте научиле. Како и да е, најопасно е велат експертите за оваа област, кога нивото на стрес е високо, и таа состојба трае подолго време. Тогаш телото ја губи битката и започнува да страда од голем број последици, кои можат да предизвикаат сериозни болести.

 Сигурно се прашувате како да препознаете дека нивото на стресот станало високо и вашите “лимитери” почнале да откажуваат? Еве неколку тајни симптоми кои можат да ви покажат дека сте изложени на многу повеќе стрес отколку што си мислите или можете да издржите. Овие неколку симпроми се еден вид “светлосни” индикатори кои опоменуваат да го вклучите “копчето” за игнорирање на некои нешта, или да го “вградите”, ако досега не сте го направиле тоа.

 

Акни, чешање и премногу сува кожа

Научниците сметаат дека чешањето е еден од првите симптоми на стресот. Вистина е дека понекогашš чешањето е резултат на алергиска реакција на кожата, но многу често се случува без некоја посебна причина да почнете да се чешате, нели? Е, тоа е затоа што сте под силен стрес.

Ако, пак, страдате од сува кожа (егзема или псоријаза) или често ви се јавуваат акни, тоа исто така значи дека сте под континуиран и голем стрес. Особено внимавајте ако состојбата се влошува. Истражувачите велат дека стресот го забавува процесот на зараснување на раните и скршениците на коските. Доколку забележите дека акните тешко исчезнуваат, тоа може да биде знак дека акните се резултат на зголемен и постојан стрес.

 

Крварење на непцата и болки во вилицата

Во периоди на стрес можно е да се појави и крварење или болки во непцата. Тоа е така затоа šшто стресот го намалува имунитетот, и телото потешко се бори против бактериите што се таложат на и околу непцата и забите, па како резултат на тоа, се појавуваат разни инфекции, крварење и болка.

Многу луѓе кога се вознемирени или се под стрес чкрипат со забите во сонот, т.е. покажуваат симптоми на бруксизам. Ваквата состојба се влошува со зголемувањето на нивото на стрес и може да предизвика и болки во вилицата.

 

Проблеми со стомакот

Изложеността на стрес може да предизвика лачење големи количини желудечни киселини во стомакот, создавање гасови и разни мускулни спазми и грчеви. Тоа може да резултира со дијареја (пролив), болки во стомакот или опстипација (запек) и друго.

 

Желба за консумирање слатка и мрсна храна

Истражувачите откриле дека имаме многу голема желба да консумираме слатка храна кога сме под стрес. Тие исто така, сметаат дека најверојатно стресот е виновник за копнежот по чоколада. Експертите сметаат дека луѓето се склони кон консумирање брза или слатка храна за да се опуштат и да си го подобрат расположението, но притоа забораваат дека тоа секогашš има краткотраен ефект.

 

Ова се скриените симптоми, а решението е покрај другото, во шетање, слушање музика, медитација и многу, многу светлина!

Клучни зборови: