На 30 мај оваа година е објавена првата официјална верзија на jasiti.mk - персонализирани свадбени веб-страници. Овој македонски стартап, за првпат кај нас, ги трансформираше и свадбените организации во “smart” ИТ-решение кое ќе им помогне на младенците брзо и едноставно сами да ја организираат својата свадба.
Свадбите се еден убав свечен чин за многумина, но нивната организација секогаш носи неочекувани моменти за младенците. Па оттука е и идејата за создавање на едно паметно технолошко решение коешто им помага на младите брзо и едноставно да ја организираат својата свадба.
Јас и Ти персонализираните свадбени веб-страници им помагаат на младите за полесна и побрза организација, притоа давајќи им слобода да бидат креативни и уникатни, и на свој начин да им ја раскажат својата приказна на сите. Jasiti.mk е автоматско решение коешто за неколку минути креира персонализирана веб-страница. Системот вклучува електронски покани што младите можат да ги испратат до сите гости, со неколку клика. На тој начин, тие добиваат детален преглед на листата на гости кои го потврдиле/откажале своето присуство, информации за нивните музички желби, преференции/алергии на храна и сл. Со ова, не само што младите заштедуваат и се грижат за природата без печатење на покани, туку и го избегнуваат делот со дистрибуција на поканите од врата на врата. А пак, го задржуваат моментот на испраќање на поканата до лична маил адреса на своите гости. Интересно е тоа што ова решение не ги ограничува идните брачни парови при изборот на дизајн, туку има дава слобода да си играат со изборот на дизајнот. Исто така, голема предност, особено за гостите кои се од други места, е тоа што добиваат точни локации со време и мапа од локацијата, за полесно да можат да се снајдат и да бидат на вистинското место во вистинско време.
И кога целата возбуда ќе стивне и кога тој голем ден за нив ќе заврши, преку Јас и Ти сопружниците добиваат и галерија од 10GB, каде што можат да ги стават сите свои слики и да ги споделат со гостите, без притоа да се “занимаваат” со “јас не добив слика, те молам извади ми... кога ќе ги гледаме сликите... прати ми ја сликата да си ја ставам на Facebook/Instagram…”.