Рубрика: Информатика
Кога поштата повеќе не е приватна
Автор: Гоце Постоловски
Објавено на 21.06.2018 - 10:15

Секому, па дури и на најдобрите може да им се случи да бидат хакирани и нивната е-пошта да стане видлива за оној кој се дрзнал да ја наруши нејзината приватност и тајност. Затоа без паника, откако штетата е направена, нема потреба од паника, туку веднаш треба да се преземат конкретни чекори за да се реши проблемот и да се поправи штетата. Во продолжение, еден патоказ во тој процес.

 

Кога веќе не е спречено …

Старите велат “Подобро е да се спречи, отколку да се лечи”. И во право се, навистина е така во теорија, но во практика се покажува дека ништо не е 100% сигурно и дека не постои начин сè да се предвиди.

Така е и со е-поштата, која за многумина од нас е секојдневна алатка за комуникација, како деловно, така и приватно. Иако е меѓу нас веќе многу години и речиси секој од нас има отворено најмалку по една корисничка сметка, а многумина и повеќе од тоа, а сервисите кои ја нудат ова услуга секојдневно се посигурни и посигурни, сепак континуирано сме сведоци на нови и нови случаи кога не само одделни сметки, туку цели бази на податоци од mail server биваат пробивани и одеднаш целата ваша комуникација (која може да биде и од чувствителна природа) станува јавна пред очите на оној што, популарно кажано, ја хакирал.

И што сега? Кои се чекорите што треба да ги преземете откако вашата е-пошта е хакирана, понекогаш и недостапна? Еве дел од нив во продолжението.

 

Сменете ја лозинката

Хакерот, или дечкото/девојката којшто се дрзнал да ја пробие вашата е-пошта не е секогаш искусен програмер кој знае што прави. Денеска има и софтвери што автоматски бараат слабости во вашата лозинка и, воопшто во конфигурацијата на е-поштата и неа ја пробиваат. Токму затоа може да се случи и по пробивањето, а поради неискуството на напаѓачот, вашата лозинка да не е сменета. Веднаш сменете ја, и не користете го личното име или кое било друго име, родендени или матични броеви. Едноставно, направете комплицирана лозинка што ќе содржи големи и мали букви без некаква логика, броеви и специјални карактери, а ќе биде долга најмалку 6 карактери. И немојте да ја запишете на ливче и да оставите до компјутер.

 

Вратете ја контролата!

Доколку сепак е-поштата е недостапна, ви претстои комуникација со провајдерот на услугата. Доколку станува збор за напад врз самиот систем на провајдерот, тогаш можно е и автоматски да ви се промени лозинката и тој да ве извести за тоа, секако со опција повторно да ја промените автоматски генерираната лозинка. Но ако се работи за поединечен напад, тогаш треба сами да се “изборите во оваа битка”. Најпрвин, пред провајдерот треба да докажете дека вие сте сопственик на сметката. Тоа најчесто се прави преку одговарање на прашања што сте ги дефинирале при регистрација на сметката или, пак, со внесување кодови испратени на други адреси на е-пошта (секундарна адреса којашто е задолжителна кај поголемиот број провајдери) или на мобилен телефон. По успешната верификација, ќе ви биде понудено да креирате нова лозинка. И не само тоа. Предлагаме веднаш да ги смените и сигурносните прашања, а воедно да ги примените сите опции за сигурност кои ги нуди провајдерот. Она што можеби сега ви изгледа како губење време, ќе ви заштеди многу нерви и време кога некогаш ќе се најдете во несакана ситуација.

 

Следува истрага

Откако сè е под контрола, време е малку да се позанимавате со причините кои довеле до тоа вашата е-пошта да биде хакирана. Иако постои веројатност дека лозинката е откриена преку акции врз серверот на провајдерот, сепак постојат т.н. “шпионски програми”, коишто можеби се инсталирале на вашиот систем и она што ќе го впишете го пренесуваат на оној што ги креирал. Тука се секако и лозинките, се разбира. Затоа, за секој случај проверете ја состојбата во која се наоѓа софтверот за заштита. Обновете ги дефинициите и направете целосно скенирање не само на деловите од системот, туку и на податоците и на другите датотеки кои не мора да се наоѓаат на системска партиција.

За поедноставно да ги запаметиме лозинките кои сè почесто ги внесуваме на различни сервиси, вклучувајќи ги тука и оние за финансиски сервиси, многумина од нас оставаат иста лозинка на повеќе сервиси. Тоа може да претставува вистински проблем ако лозинка стане јавна. Затоа, веднаш штом го средивте проблемот со е-поштата, побрзајте да ги смените лозинките на сите сервиси за кои знаете дека сте ја користеле истата лозинка. Не мора да значи дека нападот ќе биде насочен само кон вашата е-пошта, особено ако напаѓачот до информациите дошол преку вашиот компјутер од каде се логирате и на другите сервиси.

 

Контрола на штетата и активно мониторирање

На крај доаѓа процена и контрола на направената штета. Проверете детално што сè содржат пораките во хакираната е-пошта. Дали некому можеби на овој начин сте му праќале чувствителни информации, како лозинки на други сервиси или пак дали можеби имате сочувано некои податоци од финансиски институции? Доколку сметате дека овој напад може и на некој друг да се му наштети, веднаш информирајте го да ја промени лозинката или другите чувствителни информации кои можеби биле комприомитирани.

А и вие во следниот период внимателно набљудувајте ги сите поважни сервиси, особено оние финансиските. Можеби сте превиделе некоја информација и не сте ја смениле, можеби напаѓачот подоцна ќе искористи други информации за да дојде до лозинката, како на пример, датумот на раѓање, имиња на роднините и пријателите или, пак, миленикот и многу други кои можеби се наоѓале во поштенското сандаче во моментот кога сметката била нападната, а податоците откриени.

Клучни зборови: