Рубрика: Медицина
Акантамеба
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 19.06.2018 - 11:15

Црвенило и чувство на туѓо тело во окото, кои се типични за обично воспаление на очите, вообичаено се првите симптоми, по кои, само за еден месец може да се изгуби видот. Всушност, станува збор за многу мало праживотинче кое влегло во окото, а се вика акантамеба. Ова праживотинче најчесто ги напаѓа оние што носат контактни леќи.

– Леќата благо ја оштетува слузницата на окото и, ако таа не се чисти редовно или како што треба, на неа се вдомуваат разни организми кои можат да продрат во окото. Еден од нив е акантамебата, која живее во правот и обожува вода, па и онаа од славина. На леќата најчесто доаѓа преку водата, а особено е критично за оние кои редовно не ги вадат леќите. Луѓето што носат леќи по извесно време се опуштаат, па специјалната стерилна течност за чистење и чување на леќите ја заменуваат со обична вода. Опасно е и бањањето в река или езеро и туширањето со леќи во очите, – вели д-р Марио Свибен, паразитолог.

Ова мало праживотинче за разлика од своите роднини, амеби, лесно се закачува на слузницата од окото бидејќи на своето тело има мала игличка во вид на трнче. Кога ќе се забоде во окото, предизвикува акутно воспалување на рожницата, потоа постепено ја размекнува и на крајот окото на пациентот низ тој отвор истекува. Иако многумина со воспалување на очите вообичаено се јавуваат на лекар, околу 99 % од пациентите го губат окото.

– Лекарот веднаш зема брис и препишува антибиотик со широк спектар, но проблемот е во тоа што вообичаено во земениот брис ова животинче го нема, не може да се открие. За докажување на акантамебата потребно е да се земе брис со стругање на рожницата. Потоа таа “струготина” се сади на хранлива подлога што ја содржи бактеријата Esherihia coli, која на акантамебата £ служи како храна, и тогаш може со точност да се потврдити дијагнозата. Терапијата која офталмолозите денес ја имаат на располагање за борба со ова животинче, за жал, многу често е со неизвесен исход.
 – Терапијата се спроведува мошне долго, може да трае и со месеци, а капките кои се применуваат во прво време се ставаат секој час. Честопати и покрај лечењето, единствено решение на крајот е трансплантација на рожницата, – вели д-р Свибен.

Спас од оваа опасна животинка е хигиената и правилното постапување со леќите. Ако не се придржувате до сите пропишани упатства, носете очила, и со нив ќе изгледате убаво, а ракувањето со нив е многу полесно и побезбедно.

Клучни зборови: