Идејата не е нова. Егзоскелетот како помошно средство има потенцијал да им ја поврати мобилноста на милиони луѓе кои поради болест или повреда останале неподвижни и врзани за инвалидска количка. Новината на последниот проект за создавање егзоскелет наменет за параплегичарите е што целосно ја елиминира употребата на патерици. Ова значи дека се елиминираат и болките во рамената при нивното користење, но и зголемување на самостојноста на корисникот.
Автономниот егзоскелет именуван како Аталант е дело на француската стартап компанија Вандеркрафт. Неговите креатори го замислуваат како помошно средство во центрите за рехабилитација, а неговата употреба ќе овозможи нови третмани, подолги и почести сесии за физикална терапија на пациентите.
Она што веднаш ќе ви падне в очи гледајќи го видеото е дека параплегичарите кои го употребуваат можат да одат без помош, но и дека машинеријата е прилично бучна и навидум груба. Но, и покрај габаритноста на егзоскелетот и “тешките” роботски звуци, првата употреба на Аталант кај тест-корисниците предизвикала силни емотивни реакции.
Трудот за ИКРА е насловен "Кон обновување на подвижноста за параплегичарите: реализирање на динамички стабилен од со помош на егзоскелет", а како потписници се јавуваат деветмина автори, од кои еден дел се врзани за името Вандеркрафт, но и инженери од Калтек и од Универзитетот на Мичиген.
Егзоскелетот е опремен со микрокомпјутер во чие срце се наоѓа Intel Core i7 чип, а со негова помош автоматски се извршуваат комплексни пресметки врзани за балансот и контрола на можноста за исправен од на корисниците. Егзоскелетот се управува со гестови од корисникот и со автоматски програми коишто ги активира терапевтот.
Исправениот од ќе значи намалување на повеќе здравствени проблеми коишто се јавуваат кај тешко подвижните и неподвижните лица – кардиоваскуларни проблеми, болки коишто се јавуваат поради “умртвување” на мускулите, инконтиненција, губење на мускулниот тонус и депресија.
Се надеваме дека наскоро ова помагало ќе ја надмине тест-фазата, но и дека ќе стане помалку габаритно и подостапно за сите на коишто им е потребно.