Ви текнува на комуникациските модули од филмот Total Recall од 2012-та, верзијата со Колин Фарел која во целост се одвива на Земјата? Главните ликови во дадени моменти користат комуникациски модули налик на гривни вградени во раката. Се чини дека работите одат во слична насока кога е во прашање комуникациската технологија. Имено, деновиве во магазинот Wired беше претставен уред за носење кој функционира како комуникациски уред преку којшто корисниците ќе можат да споделат многу повеќе од нормалната комуникација.
Инженерите во познатиот истражувачки објект Нокиа Бел Лабс (да, истото место што го изнедри транзисторот!), во соработка со група уметници развија комуникациска гривна. Соработката помеѓу уметниците и инженерите е дел од програмата "Експерименти на уметноста и технологијата", основана во 60-тите години од минатиот век и неодамна одново воспоставена во дизајнерскиот инкубатор New Inc. Соработката се обидува да даде конкретен одговор на некои големи прашања како, на пример, дали луѓето можат да комуницираат преку допир, дали емпатијата се пренесува и кој е следниот чекор во мобилната технологија?
Sci-Fi комуникациските уреди од Тотален Отповик (2012)
Како одговор на дел од овие прашања доаѓа уредот Sleeve (Ракав). Овој концепт модел собира информации за физичката и емоционалната состојба на корисникот преку жироскопи, акцелерометарски и оптички сензори, за податоците потоа да ги испрати преку хептичка врска (кинестетска комуникација) и пораки што се прикажуваат на екран. Целта е да се создаде можност за вклучување на емоционална нишка во комуникациите.
Од што се состои концепт-уредот
1. Хептички мотори
Овие мотори генерираат вибрацискии побуди за пренос на емоционални пораки помеѓу корисниците или, пак, за да обезбедат повратни информации од околината.
2. Електромиографски жици
Замислени како напредна алтернатива за листањете и типкањето што денес го правиме на екраните на допир, овие жици можат да ги измерат суптилни електрични сигнали од мускулите на подлактицата и да и испратат порака преку Sleeve.
3. Инерциска мерна единица
Акцелерометрите и жироскопите го препознаваат насоченото движење. Sleeve може да се користи за контрола на паметните уреди преку гестикулација.
4. Диск за томографија на оптичката кохеренција
Овој уред го мери начинот на којшто светлината е во интеракција со ткивото за да го утврди хемискиот состав на телото. На овој начин ги детектира биомаркерите за стрес и радост.
5. Екран
Екранот со LED дисплеј ги пренесува биолошките сигнали, пораки и насоки, овозможувајќи побогата комуникација помеѓу корисниците на Sleeve.
Остануваме да видиме како уредот ќе биде прифатен и во која насока ќе се развива.