Научниците климатолози доста прецизно го утврдиле текот на климатските промени на Земјата, започнувајќи од далечното минато, некаде пред неколку десетици милиони години, па наваму. Климатолозите се во можност да ги откриваат климатските промени според процентот на јаглеродниот диоксид (CO2) “заробен” во земјините слоеви со различна старост. Графички приказ на температурните климатски промени, започнувајќи од пред 70 милиони години до денес, е покажан на сликата во прилог. Во температурната крива забележуваме дека пред околу 55 милиони години, т.е. на преодот помеѓу геолошкиот период Палеоцен кон Еоцен, постоел екстратермички максимум, којшто отстапува од нормалниот тек на температурната крива! Климатолозите го нарекле тој максимум “PETM" (Paleocene-Eocene Thermal Maximum), а на сликата во прилог тој е обележан со назнака Eocene Optimum (види го левото горно ќоше од графикот). Очигледно е дека ова екстразатоплување е надвор од нормалниот тек на температурната крива, па според тоа истото можело да настане само под дејство на некои додатни надворешни фактори. Околу причината на ова екстразатоплување досега само се шпекулираше помеѓу две можни опции, прекумерна вулканска активност на Земјата, или екстратерестриален фактор, но за двете без конкретен доказ!
Меѓутоа, во најново време една група научници под раководство на Морган Шалер (Morgan Schaller), геохемичар од Resselaer Polytechnic Institute, и Меган Фунг (Megan Fung), негов дипломиран студент, објавиле во угледниот часопис Science, студија во која тие понудиле најнови докази во прилог на тоа, дека причината за тоа додатно затоплување бил удар на екстратерестриален објект во Земјата. Имено, тие откриле серија црни стаклести зрнца, т.н. “микротектити” во направените бушотини во седиментите на вкупно 3 различни локации, две во јужниот дел на Њу Џерси во САД, и една во слоевите на морското дно близу Бермудите. Познато е дека овие зрнца се формираат со испарување на цврст материјал од површината на Земјата под дејство на висока температура, која можела да произлезе од удар на некој астероид или комета во Земјата. Пареата од тоа испарување, летајќи низ воздухот, повторно се зацврстува формирајќи ги ситните топчести стаклести зрнца, микротектитите, па според тоа тие зрнца се остатоци од некој дамнешен удар на екстраземјин објект, астероид или комета. Староста на слоевите во кои микротектитите се пронајдени одговара приближно на 55 милиони години старост, т.е. исто толку, колку што е и староста на настанот PETM, па од таму наведената група научници заклучила дека таа еднаква старост не може да се смета за случајно совпаѓање, туку разумно е таа да се смета како причина – удар на астероид, и последица – климатско екстразатоплување!
Но, како што најчесто се случува при објава на некое ново научно откритие, ставовите на научниците обично се поделени. Така на пример Кристијан Кеберл (Christian Koeberl), експерт за екстратерестриални удари во Земјата, специјалист на Универзитетот во Виена, Австрија, изјавил дека наодот на групата на Морган Шалер иако индицира удар на некое тело во Земјата, истражувачката група направила пропуст со тоа што не ја утврдила староста на пронајдените микротестити со примена на т.н. радиометричка метода за датирање. Па, така постои можноста тие примероци да се формирале и во некое друго време во минатото, а дури потоа да се инволвираат во слоевите од времето на PETM!. Овој пропуст го забележале и некои други критичари!
За крај, да објасниме дека ударот на астероид во Мексиканскиот залив, кој удар се смета дека бил причина за помор на диносаурусите, научниците не го поврзуваат со случајот PEMT, имено, помеѓу овие два настана постои временска разлика од цели 11 милиони години!