Дека ротацијата на Земјата околу нејзината оска перманентно забавува и дека поради тоа перманентно се зголемува времетраењето на деноноќијата за 0,002 секунди годишно, на науката и е познато уште од пред повеќе децении. Според тој податок, научниците пресметале дека пред 200 милиони години, во времето на диносаурусите, деноноќијата траеле 23 часа, па секоја година имала по 385 дена. Исто така, пресметале дека по 200 милиони години од денес, денонокијата ќе траат по 25 часа и годините ќе имаат по 335 дена.
Постојат повеќе фактори за ова забавување на Земјината ротација, но од сите нив, најизразено е влијанието од Месечината, која со нејзиното гравитациско дејство предизвикува подигнување и спуштање на водата во океаните (плима и осека), па како што лизгач на мраз кога се врти околу себе го запира вртењето така што ги оддалечува неговите раце од телото, така и плимите перманентно ја забавуваат ротацијата на Земјата. Во помала мера исто такво влијание има и Сонцето.
Кон овие два фактора, во најново време се придодаде и глобалното затоплување на Земјата. Имено, кога се топат ледниците коишто се стационирани на крајните географски широчини, нивната вода се поместува кон екваторијалните зони, па нивото на океаните расте, а плимите и осеките стануваат сè поинтензивни.
Постојат и други фактори, но нивното влијание е значително помало, па нема да ги набројуваме, само уште ќе кажеме дека во најново време научниците констатирале дека под дејство на сите фактори, стапката на забавување на Земјината ротација нема константен износ, туку одвреме-навреме таа е променлива, без некое корелациско правило, па наведената стапка во почетокот на текстот за зголемување на времето на деноноќието за 0,002 секунди годишно, е само просечна стапка.
За ова тековно забавување на Земјината ротација досега многу малку се зборуваше, меѓутоа, на последниот годишен состанок на Геолошкото здружение на Америка (Geological Society of America), тоа се актуелизира така што се поврза со порастот на бројот на земјотресите што просечно досега се случувале во текот на секоја година. Имено, истражувачка екипа предводена од Роџер Билхем (Roger Bilham), геофизичар на Универзитетот Боулдер во Колорадо, САД, излегла со констатација дека порастот на просечниот годишен број на земјотреси во последните 100 години, се совпаѓа со стапката на забавување на Земјината ротација. Но, каква врска постои помеѓу должината на деноноќието и бројот на земјотресите?! Одговор на ова прашање ни дава токму лидерот на екипата, Роџер Билхем. Имено, тој го објаснува механизмот којшто делува на зголемување на бројот на земјотресите на следниот начин: со забавувањето на земјината ротација, се намалува испапченоста на Земјата во екваторскиот регион, тој се стега, па рабовите на тектонските плочи што се дел од Земјината обвивка меѓусебно повеќе се приближуваат и повеќе се притискаат една со друга, па тоа предизвикува дополнителни потреси. Како поткрепа на тоа, екипата на Билхем направила увид во историјата на земјотресите, почнувајќи од 1900 година наваму и утврдила дека во почетокот на тој период годишно се случувале во просек по 15 големи земјотреси, меѓутоа подоцна, во извесен временски интервал, се случувале по 25 до 35 земјотреси годишно со магнитуда над 7 степени. Токму за тој интервал екипата утврди дека се совпаѓа со времето кога забавувањето на Земјината ротација беше со многу поголема стапка во однос на нејзиниот просечен износ. Да се потсетиме, веќе рековме дека стапката на забавување на Земјината ротација нема одредена фиксна вредност, туку дека таа варира во зависност од повеќе фактори. На крајот се огласи лично лидерот на екипата, Роџер Билхем: “Ние само ги споредивме тие две добро познати листи на бројки и утврдивме меѓусебна корелациска поврзаност помеѓу нив”.