Кој вели дека нема интерес за радиоаматерството?! Уште еднаш се покажа дека интересот кај децата е голем и зависи од начинот на којшто им се пртставува нашето хоби, од стратегијата и пристапот кон децата, но и примената на соодветни педагошки методи...
По долгогодишна пауза, деновиве во радиоклубот “Никола Тесла“ – Штип, се одржа првиот час од курсот за радиотехника и електроника. На фотографијата се курсисти од само едно основно училиште. Заинтересираноста е неочекувано голема. Поради големиот интерес и ограничените ресурси, презентација на клубот засега е направена во најмногу две училишта, каде што презентациите беа закажани од порано...
Курсот за радиотехника и електроника го води Миле Кокотов, магистер по технички науки, а повремено, со свои тематски единици ќе се вклучат и други искусни радиоаматери, членови на радиоклубот, проф. д-р Ристо Поповски, проф. Тоне Петров, проф. Игор Дериволов, проф. Вилма Јованова, Данчо Миленкоски и други.
На сите посетители на обуката, идните радиоаматери, им посакуваме успех! Нека е со среќа!