Нова машина што црниот дроб наменет за трансплантација го одржува на телесна температура, наместо во ладен раствор во мраз, помага да се подобри квалитетот на ткивото и да се намали стапката на отфрлање на органите погодни за трансплантација.
Во првото клиничко испитување од ваков вид, направено по случаен избор, техниката беше тестирана рамо до рамо со ладното складирање, а резултатите беа објавени во списанието Nature, на 18 април оваа година. Методот може да го продолжи опстанокот за примателите на органи и да ја намали смртноста за десетици илјади пациенти на глобално ниво кои во моментов чекаат на донација од црн дроб.
Уредот, наречен метра (матка на грчки), како и други слични уреди, може да го зголеми бројот на органи достапни за трансплантација, намалувајќи го бројот на отфрлања.
Уредот метра работи на тој начин што црниот дроб го снабдува со крв збогатена со кислород, лекови против коагулација и избрани хранливи материи, додека органот го држи на стабилна температура од 37°C. Притоа, од доводот/резервоарот со крв на уредот се отстранети имуните клетки, со што се избегнува воспаление, односно "на црниот дроб му се овозможува да закрепне во една многу бенигна средина", вели Питер Френд, хирург за трансплантација при Универзитетот Оксфорд и соосновач на фирмата производител на уредот за пренос на органи.
Клиничкото испитување спроведено низ Западна Европа, вклучувало 220 пациенти кај кои престанала функцијата на црниот дроб поради хепатитис, цироза, рак или од други причини. На секој од учесниците по случаен избор му бил доделен донорски црн дроб што бил пренесен со помош на машината метра или со класичната техника на ладно складирање. Класичната техника за пренесување на органи со ладно складирање го забавува клеточниот метаболизам за да се ублажи оштетувањето, но истовремено го прави органот склон кон повреда кога дотокот на крв се враќа во ткивото.
Примателите на црн дроб пренесуван со помош на уредот метра покажале, во просек за 50%, намалување на нивото на ензимот поврзан со оштетувањето на органот, во споредба со примателите на црн дроб пренесуван со ладно складирање. Стапката на рана алографтска дисфункција – сериозна и потенцијално смртоносна компликација при трансплантацијата – се појавила кај само 10% од реципиентите кои црниот дроб го примиле по складирање во машината, наспроти 30% од оние кои го добиле по ладно складирање. Но, периодот од една година, колку што траело испитувњето, е прекраток за да се открие каква било разлика во животниот век и квалитетот на живот на пациентите.
Методот на случаен избор применет при испитувањата значи дека црниот дроб од донорот имал подеднакви шанси за крајна употреба, независно од техниката на зачувување при преносот. Сепак, хирурзите за трансплантација опфатени во пробите морале да отфрлат двојно повеќе органи чувани во мраз отколку органи пренесени со помош на метра. Исто така, употребливоста на црниот дроб била зголемена во просек на 12 часа по отстранувањето, во споредба со околу 8 часа кај органите што се пренесуваат со ладно складирање.
Уредот метра на компанијата OrganOx е веќе одобрен за употреба во Европа, додека во САД е во последната фаза од тестирањата. Сепак, рутински не се користи надвор од клиничките испитувања – во голема мера поради високата цена на чинење, помеѓу 4 000 и 7 000 англиски фунти за примач на орган.