Што е вртежен момент? Најкратко и поедноставено, тоа е причината заради која нештото се врти во континуитет како тркало, коленесто вратило, погонско вратило, спојка, елиса итн. Да ги протолкуваме поимите.
Момент за произволна точка е многу интересен феномен во механиката (во суштина вектор, т.е. векторски производ, но ние овде ќе го поимаме како скалар, што е коректно за нашиов случај) и подразбира производ од интензитетот на некоја сила (во N) и нормалното растојание (крак) од произволна точка до таа сила (во m). Значи, моментот има димензија Nm. Моментот тежнее да ја заврти таа точка (или тој дел или оска или вратило) и навистина тоа ќе го стори доколку делот не е урамнотежен со другите делови (сили) во конструкцијата – таквата конструкција се нарекува статичка конструкција. Оттука разликуваме статички и вртежен момент. Ако делот врз кој е приложен момент само се напнува (урамнотежува) на тој момент, а реакциите не дозволуваат тој да се врти во континуитет, велиме дека делот е изложен на статички момент. Такви се моментите во статичките конструкции како мостови, балкони, платформи, погонски оски кај моторните возила и други конструкции кај кои нема подвижни делови, т.е. деловите не се движат.
Вртежно значи дека машинскиот дел (на пр. вратило) може, т.е. му е дозволено да се врти во континуитет под дејство на моментот (значи, моментот во континуитет го врти вратилото) и затоа е вметнат овој префикс за да се разграничи од статичкиот момент. Така на пример, за коленестото вратило од моторот СВС велиме дека испорачува вртежен момент на замаецот, спојката (кумплунгот) го прима и го предава тој вртежен момент на спојничкото вратило од менувачот, а од менувачот вртежниот момент се предава на погонските тркала од автомобилот. Мерка за “вртежно” е аглова брзина со димензии rad/sec т.е. радијани во секунда.
Производот на моментот (Nm) и агловата брзина (rad/sec) претставува моќност на погонот и се изразува во вати (W=Nm/sec). Одовде произлегува еден интересен заклучок, а тоа е дека моторот “произведува” момент и аглова брзина што како синергија (производ) претставува негова моќност (kW или КС).
Внатрешната напонска состојба (внатрешните сили) на вратилото што се урамнотежува со надворешниот вртежен момент на кој е изложено се нарекува торзија (има димензија Nm), а еластичната деформација којашто ја предизвикува вртежниот момент врз вратилото се нарекува усукување (има димензија аглови степени или радијани).
Може да се направи една паралела со електротехниката. Она што во електротехниката е струјата, тоа во механиката е моментот, а она што е напонот, во механиката е аглова брзина (или број на вртежи). Во електротехниката, спроводниците се димензионираат врз основа на струјата што поминува низ нив, а во механиката вратилата се димензионираат врз основа на моментот на кој се изложени.