Основна суровина за производство на топлинско-изолацискиот материјал, кај нас познат под трговското име стиропор, е полистиренски гранулат со вградено средство за експанзија - гас пентан. Производниот процесот се одвива во три фази: предекспандирање, кондиционирање и обликување во калапи.
1. За време на предекспандирањето полистиренските гранули (слика А) под дејство на топлината и на пентанот се шират и го зголемуваат својот волумен дури и до 50 пати. Енергент е заситена водена пареа со температура од околу 100°C. Предекспандерот има посебен уред за контрола и автоматска регулација на насипната густина, така што се добива хомогена густина, од 10 до 30 kg/m3. За густина помала од 15 килограми по кубен метар се применува двојна предекспанзија.
Лево – слика А: Основна суровина – полистиренски гранулат; Десно – слика Б: Калап
2. Во фазата кондиционирање се случуваат разни стабилизациски процеси: сушење и ладење на предекспандирани гранули, дифузија на воздух и пентан.
3. Последна операција во производството е формирање во блокови со димензии 4,25 x 1,00 m. Калап (слика Б) со волумен од 5 m3 се полни со лабаво кондиционирани гранули кои повторно се третираат со водена пареа и при тоа и понатаму експандираат. Во затворениот и ограничениот волумен на калапот при дополнителната експанзија на гранулите доаѓа до нивно меѓусебно слепување. Силата на атхезијата и големината на шуплините меѓу гранулите зависат од притисокот при обликувањето.
Лево – слика В: Блок од стиропор; Десно: слика Г: Сечење на блоковите во плочи
Произведените блокови (слика В) се складираат во завршната фаза - димензионално стабилизирање, позната како “одлежување”. Дури по одлежувањето, со помош на автоматски уред - робот, од блоковите се сечат плочи со димензии 1,0 x 0,5 m или 1,0 x 2,0 m и дебелина според барањата (слика Г).
Покрај опишаниот процес на производство на експандиран полистирен (EPS), постои и т.н. екструдиран полистирен (XPS), кој има поголема густина од експандираниот и се применува во специфични градежни конструкции (надворешни конструкции потенцијално изложени на поголеми механички оштетувања, конструкции вкопани во земја, топлинска изолација на т.н. “обрнати рамни покриви” итн.).
"Лепење" на изолацијата