Рубрика: Медицина
Во очекување - безболни инјекции
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.03.2018 - 10:30

Да не се лажеме, не постои човек што сака да добива инјекции. Се чини дека уште од деца сме условени да ги мразиме поради болката што ја нанесуваат. Но, наскоро може да му дојде крајот на ова непријатно искуство. Имeно, тим од научници од Универзитетот на Тексас во Далас, САД, наскоро би можеле да понудат безболна алтернатива. Тие изработиле метода за 3Д-печатење на мрежи со микронски игли, што можат да го вшприцаат лекот преку едноставна лепенка на кожата.

Микроиглите се во фокусот на медицинските истражувања веќе подолго време, затоа што нудат начин за давање на лекот и од страна на необучени луѓе, без опасност од инфекции, повреди и предозирања. Но, изработката на микроигли со вистинските димензии не е така едноставна. Вообичаено иглите се прават со шаблон што се употребува одново и одново. Но, изработката на шаблонот е проблематичен процес за чиешто комплетирање е потребна скапа фотолитографска опрема.

Тимот од Далас, предводен до Џеремаја Госенсмит (Jeremiah Gassensmith), наместо ова се насочил кон употреба на техниките за 3Д-печатење. Крајната цел била да се направат игли од полилактид, нетоксичен, биоразградлив и обновлив полимер, веќе одобрен за употреба кај саморазградливите хируршки конци.

За жал, вообичаените техники со коишто може да се направат игли помали од 100 микрометри не се компатибилни со употребата на споменатиот биоразградлив полимер. Тимот на Госенсмит наместо ова употребил техника на 3Д-моделирање којашто овозможува 3Д-печатење со полилактид, но со помала резолуција. Користејќи ја оваа техника научниците успеале да направат столбови со широчина од 400-600 микрометри, но не успеале да го добијат карактеристичниот зашилен врв на иглата којшто им бил потребен. За да го завршат овој процес била потребна примена на хемиско нагризување на материјалот.

Полилактидот се раствора во вода со благо кисела или алкална pH-вредност. Всушност, и најмалата киселост на кожата би предизвикала микроиглите да почнат да се разградуваат веднаш по навлегувањето под кожата на пациентот. Тимот на Госенсмит употребил алкален раствор од калиум хидроксид за зашилување на столбовите, со што добиле бодликава структура со димензии на врвовите од еден до 55 микрометри.

Микроиглите се тестирани на свинска кожа и покажале дека можат да ја испорачаат доза од маркирана супстанција под кожата, имитирајќи го администрирањето на лекот. Истражувачите откриле и дека примената на слаба странична сила на микромрежичката може да предизвика до 84% од иглите да се скршат во кожата, што може да се искористи бавно администрирање на лекот при распаѓањето на иглите.

Најважно од сè е што микроиглите може да се изработат брзо и евтино, што им овозможува на истражувачите да експериментираат со различни големини и форми на иглите, сè со надеж дека ќе се открие оптимална микромрежа за безболна достава на лекот.

Трудот е во фаза на рецензија и чека објава на серверот на журналот за хемија ChemRxiv

Клучни зборови: